Чадиев: Нема простор за паника- состојбата во Велес е стабилна

Во Велес, каде попладнево имаше невреме проследено со обилен дожд, состојбата е стабилна, изјави градоначалникот Славчо Чадиев, кој на терен направи увид на состојбата.

- Најкритично беше во населбата Поток, каде што се симнати стотина кубици земја во потокот и има надојдено вода од Општина Свети Николе. Во моментов се е под контрола, рече за МИА Чадиев.  На лице места се противпожарните служби, полицијата и вработени од ЈП „Дервен“.

Истповремено, посочува тој, се санира и состојбата онаму кадешто имаше паднати дрвја, а за јавувањата за накривени бандери ЕВН многу бргу ќе дејствува на терен.

За 19:30 часот градоначалникот на Велес најави уште еден состанок на штабот за следење на состојбата за да се сумира насатаната ситуација и доколку има нови врнежи да се донесе одлука како ќе се дејствува.  

Во Велес попладневво поради обилниот дожд делови од градот и околните населби и села час и половина беа без струја, улиците беа поплавени со вода, а паднати се повеќе дрвја кои предизвикаа проблеми во сообраќајот.

Според информацијата од Центарот за справување со кризи  во стариот дел од градот над градскиот пазар е надојден Дервенскиот поток кој ја поплави и блокира улицата „Вера Циривири Трена“ и во овој дел од градот имаше прекин во сообраќајот.

Златко Костов од Центарот за справување со кризи изјави дека поплавен е салонот на кабелскиот оператор „Близу“ во центарот на Велес. Поради обилниот дожд поплавени се и подрумските простории  во дел од зградите кај „СИМПО“ во новиот дел на градот. Поплавени се и индивидуални куќи каде интервенираат екипи на противпожарната единица кои ја испумпуваат водата. Имало и запалени кабли од електромрежата  на главната улица „Благој Ѓорев“.

На овие места според Центарот за справување со кризи на терен се екипи на ЈКП „Дервен“ кои ги отстрануваат дрвјата, а поради паѓање на дрва врз електромрежата на терен се и екипи на Електро Велес.

Поради силниот дожд со грмотевици попладнево час и половина без електрична енергија беа повеќе делови од градот како населбата Керамидна, ул „Андон Шурков“, Индустриската Зона, приградските населби  Превалец, Горно и Долно Оризари, Општина Чашка и селата Отовица, Сујаклари и Мамутчево. Со брза интервенција на екипи на Електро Велес овие населени места попладнево повторно се вклучени во електро мрежата, информираат од Центарот за справување со кризи на Велес.

26.05.2014 - 19:07
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега