Македонија се подготвува за поплави: Повлечени тимовите од Србија - се полнат вреќи со песок

Во попладневните часови источниот дел на Македонија беше зафатен со врнежи од дожд. Обемен дожд имаше во Велес, Делчево, Кочани и Чешиново Облешево.  

Како што соопшти Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) во Велес имаше врнежи од дожд од 15:30 до 16:15 часот при што се поплавени улици, имаше прекин на електрична енергија, запалени кабли на електрични столбови од гром, паднати дрва по улици и поплавени подрумски простории. Градоначалникот, како што се наведува во соопштението, ги има ангажирано сите локални јавни претпријатија за справување со последиците. ЕВН работи на отстранување на дефектите на електричната мрежа. Доколку има потреба подрачното одделение за заштита и спасување ќе ги ангажира материјално-техничките средства и опрема за таа намена. 

Пообилни врнежи од дожд имаше во Кочани и Чешиново Облешево и притоа се предизвикани излевања на канализацијата. Градоначалникот има ангажирано две цистерни за исцрпување на вода. Во селото Соколарци е оштетен патот од надојдената Суводолица, а на негова санација е ангажирана една градежна машина, соопшти ДЗС.

Во Делчево врнежи со град имаше во повисоките предели, но таму нема посериозни штети.

На подрачјето на Градот Скопје во попладневните часови имаше врнежи од дожд со слаб интензитет и тие не предизвикаа дополнителни оштетувања.

Ангажираната дизел пумпа за исцрпување на водата во хотел Континентал непрекинато работеше до 18 часот и оттаму водата е целосно исфрлена.

Нивото на езерата и хидроакумулациите е стабилно и редовно се контролира од страна на надлежните субјекти.

Дирекцијата за заштита и спасување денеска формираше оперативен тим од 30 лица вработени во ДЗС кои се подготвени за дејствуваат доколку има потреба за тоа имајќи ги предвид најавите за нови дождови. Исто така е подигната мобилната готовност и на вработените во подрачните одделенија за заштита и спасување, припадниците на тимовите и единиците за заштита и спасување и воспоставена е целосна соработка со градоначалниците во целата Република.

Дирекцијата за заштита и спасување располага со 12.000 вреќи за песок и е подготвена со сите расположливи човечки и материјално-технички ресурси да се вклучи во справување со опасностите и последиците предизвикани од евентуалните поплави. 

Во изминатиот период Дирекцијата имаше испратено по еден тим со и опрема во Република Србија и Босна и Херцеговина, кои се ангажирани во справување со поплавите во Обреновац и Брчко.

ДЗС, како што соопшти, го повлекла тимот од Србија, а тимот во Босна и Херцеговина ќе остане таму уште пет дена

26.05.2014 - 22:17
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега