Груевски: Интересот во Грција за оставките на СДСМ покажува кому тоа му одговара

Интересот на грчките медиуми за оставките на пратениците на СДСМ покажува на кого тоа му одговара. Ова денеска го изјави премиерот Никола Груевски по промоцијата на новата поставка во Музејот на македонската борба.

- Да точно е дека грчките медиуми континуирано и многу опсежно пишуваат за оставките на пратениците на СДСМ и мислам дека самиот тој интерес покажува на кого му одговара она што го прави СДСМ, рече Груевски, додавајќи дека во однос на апанажите, Заев ниту еднаш не спомнал дека пратениците ќе се откажат од месечниот надомест, и оти граѓаните ги плаќаат да седат дома.

Во ниту еден момент тие не кажаа дека нема да ги земаат апанажите. Во тој правец може да си го проверат Законот за пратеници и да проверат дека таму одредбите се такви, ако влезе во Парламентот, односно го верификува мандатот барем и еден ден, има право на апанажа. Граѓаните не ги плаќаат и не сакаат да ги плаќаат за тоа. Мислам дека граѓаните не ги бираа да седат дома или да работат друга работа, а да земаат апанажа една година, рече Груевски.

Прашан дали навистина поднел тужба за клевета против лидерот на СДСМ Зоран Заев за изнесените наводи во врска со случајот „Македонска банка“, Груевски ја потврди информацијата: -  Да, тоа е точно. Ако Заев верува во тоа што го изнесе, нема потреба да се плаши, но мислам дека нема да излезе така затоа што неговите наводи не се точни, рече премиерот Никола Груевски.

30.05.2014 - 14:34
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега