ФОТО: Спасов и Талески ја посетија 73-годишната Лича и и доделија помош

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, во придружба на градоначалникот на Битола, Владимир Талески, денеска во битолското село Маловишта ја посетија 73 годишната Вера Лича која живее сама и доделија директна помош за обнова на нејзината куќа.

 
 - Кога дознавме за проблемот реагиравме веднаш. Ние во соработка со градоначалникот и Центарот за социјални работи во Битола интервениравме за овој случај, за тетка Вера, која е во социјален ризик и која живее во субстандардни услови, а со цел да и помогнеме да го надмине ризикот во кој што се наоѓа, но и да ги подобриме условите за нејзин живот, посочи министерот Спасов.
 
Тој потврди дека Центарот за социјални работи во Битола повеќе пати помагал, а на Лича и било понудено и сместување во Домот за стари лица, но сепак се испочитувала нејзината одлука да остане во својата куќа: - Со поддршка на општина Битола објектот набрзо ќе биде реновиран и тетка Вера ќе има многу подобри услови за живот. Исто така ќе продолжиме со постојана парична помош, а ќе обезбедиме и еднократна парична помош. Куќата ќе ја опремиме преку акцијата „Се грижиме за топол дом“ со целосна опрема, мебел и покуќнина, а ќе обезбедиме и донации во храна, облека и средства за хигиена со цел целосно да го надмине ризикот во кој што се наоѓа и значително да се подобрат нејзините услови за живот, истакна Спасов.  


 
И градоначалникот Талески истакна дека сакаат да помогнат максимално и затоа општината стопроцентно ќе го санира објектот кој имаше разрушен ѕид. Кровот ќе биде целосно нов, ќе поставиме дограма и нов под.
 

30.05.2014 - 15:02
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега