Секој трет лекар во Македонија е пушач

Речиси 30 проценти од граѓаните во земјата се пушачи, а според резултатите од студијата за здравствените работници секој трет лекар во државата е пушач. Сепак, преваленцата на пушење помеѓу лекарите во Република Македонија изнесува 29 проценти во однос на 1999 година кога беше утврдена стапка од 42 проценти што претставува намалување од 30 отсто во период од 14 години, беше соопштено на денеска во рамки на одбележувањето на Светскиот ден против пушењето 31 мај. 

Студијата изработена од Институтот за социјална медицина на труд покажува дека пушењето е позастапено помеѓу мажите-лекари. Речиси 32 проценти од лекарите изјавиле дека некој пушел на нивното работно место. Ниту еден од лекарите не потврдил дека употребува никотинска замена со цел да се одвикне од цигари. Врз основа на студијата, 35 проценти од лекарите изјавиле дека лекарите-пушачи помалку ги советуваат своите пациенти да се одвикнат од пушење. Речиси 72 проценти од нив сметаат дека пациентите полесно ќе се одвикнат од пушење доколку ги советува лекарот.

- Тоа покажува каде треба да ги насочиме нашите активности: во зајакнување на контролатата и спроведување на добрите хармонизирани законски прописи со кои нашата држава е водечка во регионот, изјави проф. д-р Моме Спасовски, национален соработник на Министерството за здравство за СЗО за контрола и превенција на тутун.  

Се заклучува дека е потребно да се засили едукацијата на Медицинскиот факултет во делот на превенција на пушењето, а исто така се констатира дека популацијата на лекари-пушачи има полиберални ставови во однос на забраната за пушење на јавни простори, особено во баровите.

Шефот на Канцеларијата на Светската здравствена организација Снежана Чичевалиева потенцира дека најголемите мерки на намалување на пушењето, а со тоа и штетните последици од пушењето, е да разбереме дека тоа е водечка причина за смртност, не само во светот, туку и кај нас.

- Ако е така, тогаш треба сите ние да се здружиме и да го направиме тоа што е потребно од поединецот до заедницата, до Владата и на крајот до општеството. СЗО ќе ги поддржува овие напори, изјави Чичевалиева, додавајќи дека од голема помош во таа насока се и медиумите.

Светскиот ден против пушењето 2014 година СЗО го одбележува со мотото: „Зголемете ги даноците, намалете ги смртните случаи и болестите“. Се нагласува дека зголемување на цените на тутунот преку оданочување е најефикасна политика со која се намалува употребата на тутун и се спасуваат животи.

Како пример СЗО ја посочува Турција каде акцизите постојано се зголемување од 84,2 отсто од 2008 година, заедно со спроведувањето на другите политики, како што се забраната за пушење во затворено и рекламирање на тутунот. Ова довело до релативно опаѓање на пушењето од 13 проценти помеѓу 2008 и 2012 година што претставува намалување на преваленцата кај возрасните од 31,2 до 27,1 процент.

Посочувајќи на Турција, Чичевалиева рече дека не верува некоја друга земја која има толкава традиција за пушење, а која денеска има намалување на стапката на пушење.

- Во основа не се работи само за одговорност на министерствата за здравство, за финансии, за одговорноста на државата, се работи за наша лична одговорност. Примерот на Турција покажа дека ова е можно, рече шефот на Канцеларијата на СЗО Чичевалиева.

Прашањето на зголемување на цената на цигарите е прашање на интерсекторски пристап.

- Тоа значи дека Владата во конкретен случај треба да направи уште една анализа, меѓутоа не само од Министерството за финансии, Министерството за економија, за земјоделство, туку сите заедно со Министерството за здравство па да се види кој е постбенефитот од производството и продажбата на тутун и неговата употреба и повратното влијание врз здравјето и на ова население. Во таа смисла треба да се направат студии и ние ќе ги поттикнуваме за да видиме зошто е паметно да се премине кон друга политика, рече Чичевалиева.

Според проценките на СЗО, ако сите земји го зголемат данокот на цигарите за 50 проценти ќе има 49 милиони пушачи помалку, а ќе се избегнат најмалку 11 милиони смртни случаи предизвикани од пушењето. Во просек зголемувањето на даноците на тутун и зголемување на цената за 10 проценти ќе ја намали употребата на тутунот за 4 проценти во земји со високи примања за околу 5 проценти во земјите со низок и среден приход. СЗО препорачува даночниот удел да биде најмалку 75 проценти од малопродажната цена од најпопуларните марки на цигари. Во 53 земји во европскиот регион на СЗО, 26 имаат веќе таков закон. Заради тоа Европа е глобален лидер во оданочување на тутунот и цените, во споредба со другите региони на организацијата. Зголемувањето на цената преку оданочување, како што се наведува од СЗО, обично носи најголема здравствена корист за луѓето, вклучувајќи ги младите луѓе со најмала потрошувачка на пари.

Глобална проценка на СЗО е дека доколку даноците се зголемат за 50 проценти по кутија цигари, владите би заработиле дополнителни 101 милијарда американски долари во приходи, средства што, според Организацијата, можат да се насочат кон борба со ракот, кардиоваскуларните болести и други незаразни болести, со намалување на товарот на здравствените системи со ограничени ресурси.

Употребата на тутун е водечка причина за смрт од која починале околу шест милиони луѓе во светот и 1,6 милион само во европскиот дел на СЗО. Тутунот е главниот фактор кој придонесува за незаразните болести како што се ракот на белите дробови и срцевите заболувања.

МИА

30.05.2014 - 16:10
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега