Пред точно 30 години Панчев стана најмлад најдобар стрелец на светот

Со неполни 19 години, вардаровото дете даде 19 гола и ја најави блескавата кариера, во која седум години подоцна ќе биде крунисана со „златна копачка“ за најдобар стрелец во Европа
Најдобриот македонски фудбалер на 20. век, Дарко Панчев, на денешен ден, пред точно 30 години, влезе во историјата на светскиот фудбал како најмлад најдобар стрелец во едно национално првенство. Пред три децении, тогаш вардаровото дете Панчев ја најави блескавата кариера, која седум години подоцна ќе ја круниса со „златната копачка“ како врвен потфат за еден голгетер, покрај освоените европска и светска титула во дресот на Црвена звезда.
 

Популарната „Кобра“ уште како младинец, со неполни 19 години, во сезоната 1983/84, во дресот на Вардар, успеа да се промовира во голгетер од врвна класа. Постигна 19 гола во сезоната, а со двата гола на 30 мај 1984 година, во Зеница, против Челик, стави печат, заверувајќи ја титулата најдобар стрелец во тогашната југословенска лига. Со тоа стана најмлад фудбалер кој станал најдобар стрелец во еден шампионат во историјата на фудбалот.

Панчев со пехарот за најмлад најдобар стрелец што му го додели тогашната спортска новинарка во „Вечер“ Маргарета Николовска Димовска во име на Редакцијата

„Тоа беше големо доживување. Бев прв Македонец, кој воопшто стигнал до титула најдобар стрелец во една голема и силна лига како југословенската, и тоа како член на Вардар. Станав и најмлад фудбалер кој станал најдобар голгетер во едно првенство. Уште двапати бев потоа втор стрелец во Југославија, исто така во дресот на Вардар, а потоа освоив уште три такви награди со Црвена звезда, и со тоа сум единствен со четири титули голгетер на тогашна СФРЈ“, вели Панчев.

Имаше само 18 години и 266 дена кога стана најдобар југословенски голгетер. За три месеци беше помлад од остварувањето на Алберт Флоријан, легендата на унгарски Ференцварош, кој во 50-те години беше најмлад прв стрелец во едно првенство.

 

Панчев е роден на 7 септември 1965 година во Скопје. Со Вардар, три години по освојувањето на титулата најдобар стрелец во СФРЈ, стигна и до шампионската круна (подоцна одземена од Суд во Белград за да му биде предадена на Партизан). Вардаровата легенда во сезоната за паметење 1983/84, им даде гол на сите гиганти од големата четворка, беше стрелец на еден хет-трик, четирипати даде по два гола и ги тресеше мрежите на вкупно 13 меча. Оваа сезона ја одбележа и еден куриозитет поврзан со најдобриот македонски голгетер. Шест дена пред да се овенча со насловот најдобар стрелец, со Вардар го освои Младинскиот куп на СФРЈ, постигнувајќи два гола во финалето против Војводина, играно на белградска „Маракана“ пред 30 илјади гледачи. Вардар победи со 3-2.

„Апсолутно, таа награда беше најава за мојата кариера, но најмногу ми ги отвори вратите кон репрезентацијата на Југославија. Тогаш и го свртев вниманието кон екипите од големата четворка, почнаа да се интересираат за мене. Јас таа сезона ја играв без договор, затоа што ја почнав како 17-годишник и затоа немав договор. Потоа тоа ми донесе и договор. Моето останување во Вардар се покажа правилен избор. Тоа беа петте најдобри години за Вардар: ја освоивме и титулата, претходно игравме и Куп на УЕФА. Ја практично созреав во Вардар, а потоа заминав“, додава Панчев.

По оваа сезона, Панчев само си го трасираше патот за успешна кариера. Со Вардар во сезоната 1986/87 стана првак, играше во Купот на европските шампиони, замина во Црвена звезда, уште трипати беше најдобар стрелец во југословенските првенства, постигна и рекордни 34 гола во сезоната 1990/91 и го надмина Слободан Сантрач за еден гол. Во таа сезона, во која стигна и до „златната копачка“, со Ц. Звезда ја освои европската титула во Бари со неговиот решавачки пенал, а во декември и Интерконтиненталниот куп, претходникот на сегашното Светско клупско првенство.

 

Извор: Спорт Медиа.мк

31.05.2014 - 14:52
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега