Отписот на долгови ќе им помогне на десетици илјади граѓани

Корисници на социјална помош, граѓани кои поради семејна несреќа не можат да си ги платат долговите и лица кои подолго од 12 месеци се невработени и активно бараат работа. Ова се социјално – ранливите категории кои ќе бидат опфатени со еднократниот отпис на долговите. За реализација на проектот кој ВМРО-ДПМНЕ, партијата победничка на предвремените парламентарни избори, го најави во својата изборна програма, се чека на формирање на новата Влада, а според најавите, целиот проект би финиширал до септември. Се проценува дека со него ќе бидат опфатени десетици илјади сиромашни луѓе, анализира Лидер.

- „Добро е тоа. Мислам дека ќе им се помогне на луѓето кои се во тешка ситуација„....„Со тоа ќе им се излезе во пресрет на луѓето кои едвај врзуваат крај со крај“ – велат граѓани кои ги анкетираше Лидер.

Но, за на некој невработен да му бидат отпишани долговите, треба да бидат исполнети неколку услови. Имено, лицето треба повеќе од една година да е евидентирано како невработено во Агенцијата за вработување, ако се работи за сопружници треба двајцата да се евидентирани како невработени, во претходната година да не е остварен кумилативен приход од над 105 илјади и 600 денари, но и лицето да не поседува друг стан, освен оној во кој живее.

Проектот ќе се реализира на тој начин што, државата ќе ги ослободи ЕВН, банките и другите економски субјекти од плаќање данок во една или неколку години, зависно од износот на долговите, а тие ќе им ги отпишат долговите на социјално загрозените граѓани. Отписот од страна на економските субјекти ќе се врши на доброволна основа.

Со проектот за еднократен отпис на долгови, најсиромашните категории граѓани ќе куртулат од извршителите, барем во одреден временски период. Според податоците на Комората на извршители, лани биле наплатени 127 милиони евра. Во нивното осумгодишно постоење, ова е највисоката сума собрана досега. Иако бројот на предмети бил помал, споредено со претходата година, пораст од 8 проценти е регистриран кај наплатата, која достигнала 34%. Најголем дел од предметите (речиси 99 илјади) биле во вредност од 100 до 11.000 евра, нешто над 70 илјади предмети биле со вредност до 100 евра, додека речиси 3.000 предмети се движеле на сума од 11 до 200 илјади евра. Вообичаено, најмногу работа имало за извршителите од Скопје.

На физичките лица, најчесто им се блокираат сметките или им се задржува платата, но долгот се наплатува и преку заплена на движни предмети. Последниов е многу поскап начин на реализација, бидејќи значително ја отежнува наплатата. За начинот на наплата одлучува самиот извршител, но и доверителот кој ја бара неговата услуга може да предложи, која од мерките ќе се спроведе. Начинот на кој функционираат извршителите често е причина за револт кај граѓаните. Револтот е насочен кон извршителите, иако тие само ја спроведуваат одлуката за наплата.

Социјално ранливите категории почнаа да добиваат повисоки примања. Во рок од 8 години, социјалната помош е зголемена за околу 47%, од 2.900 на 4.300 денари. Сличен раст е нотиран и кај постојаната парична помош, односно помошта што ја добиваат болните и неспособните за работа. Во 2006-та добивале 3.700 денари, додека годинава 5.392 денари. Според најавите, социјалната помош секоја година ќе се зголемува за 5 проценти.

01.06.2014 - 13:06
Фото: 
скопјеинфо
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега