Облакодерите на Џевахир Скај Сити се градат со најдобри материјали и технологии

Облакодерите на Џевахир Скај Сити во Скопје, високи 130 метра и вкупно 40 ката, се единствени на Балканот, со исклучок на Турција. Во градбата на овој градежен комплекс се имплементирани најновите безбедносни стандарди и се употребени најдобрите материјали и технологии, вели градежниот инжинер Драганчо Марковски. 

- Безбедноста на овој проект е на прво место. Мора да бидат преземени сите мерки за да не дојде до несакани случаи. Втората е контролата на квалитетот. Со самото доаѓање на бетонот, арматурата...имаме тројна контрола во наши лаборатории, а нешто што немаме ние, испитуваме во лабораторијата на Градежен факултет. Сите материјали што влегуваат тука мора да бидат сертифицирани и атестирани, вклучително и машините и крановите, изјави Марковски, за време на денешниот разглед на еден од облакодерите.

Градежните работи се привршуваат на два од облакодерите, третиот е изграден до седмиот кат, а четвртата зграда до приземјето.

Марковски информира дека во моментов се ангажирани 250 работници, но бројката е променлива и се очекува да достигне до 500.

Облакодерите се на надморска височина од 363 метри и на иста линија со Институтот за сеизмологија (ИЗИС).

Во круг од 360 степени се гледа прекрасна панорама на скопската околина. На југозападната страна погледот е исполнет од падините на Водно. Градските контури се протегаат на северозапад. Од другата страна, наспроти Водно, на североисток се гледа Скопска Црна Гора.

Работите се одвиваат во предвидениот рок. Предвидено е двете кули да бидат завршени во 2015, а до 2017 да бидат завршени сите четири кули.

10.06.2014 - 19:19
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега