Димовски: Кинески компании заинтересирани да инвестираат во аграрот

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски,  денеска се сретна со кинеска делегација предводена од заменик гувернерот на провинцијата Сечуан, Гао Фенг и новоименуваниот амбасадор на Народна Република Кина во Република Македонија, Вен Џеншун.

На средбата, гостите изразија голем интерес за инвестирање на кинески компании во земјоделскиот сектор. Порачаа дека во Македонија се дојдени за поблиску  да  се запознаат со условите за инвестирање во земјоделството и во сточарството, посебно во одгледувањето овци и говеда, а го истакнаа и македонското вино кое веќе станува препознатливо на нивниот пазар.

- Кинескиот пазар е најголем во светот, меѓутоа е и многу пребирлив пазар, за кој е потребен квалитет кој ќе ги задоволи потребите на кинеските потрошувачи. Вашата идеја за присуство на кинески компании, кои ќе отворат свои претставништа во Македонија е одлична можност за вашите бизнисмени, затоа што Република Македонија претставува врата кон пазарот на Европската унија. Ја имате мојата поддршка за која било инвестиција во областа на земјоделството, истакна министерот Димовски.

Тој нагласи дека  сите закони во Република Македонија кои се однесуваат на областа на земјоделството се целосно усогласени со законодавството на ЕУ.  

Гостите од Сечуан, една од најразвиените провинции во НР Кина во делот на земјоделството, посебно во сточарството, упатија благодарност до министерот за исцрпните информации кои, како што рекоа, им предочиле дека има уште многу области во кои може да се оствари соработка и изразија желба за повторна средба и инвестрирање во земјоделството.

Со цел продлабочување на трговската соработка и унапредување на извозот на македонските земјоделско-прехранбени производи, со Народна Република Кина веќе е потпишан Меморандум за разбирање за понатамошна соработка во земјоделството и Протокол за фитосанитарни услови за извоз на тутун од Република Македонија во НР Кина, со што формално правно веќе е овозможена соработката во областа на земјоделството.

11.06.2014 - 18:20
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа