Јакимовски удри по СДСМ: Од кај знаете вие што е тоа морал?!?

Вие во СДСМ, за сè имате право да зборувате, само за морал најмалку. Вие во СДСМ немате двоен морал, вие немате морал, реагира градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на како што вели, последното од серијата дисквалификации на СДСМ упатени кон него.

- Дали СДСМ може да зборува за двоен морал, кога во 1999 година уште што не извадивте пиштоли и да се испотепате со Љупчо Георгиевски, за претседателските избори, кога имаше жртви и повредени, за да, од неодамна направите коалиција со него! За кого тогаш се тепавте? За Тито Петковски, тој истиот што ве симна од власт 2006 година, Ви зеде 6 пратеници и направи коалиција со Никола Груевски. Дури и денес Ви е во коалиција и благодарение на вашата слабост и низок политички капацитет што го имате, секои избори си го частите со по 5, 4 или 3 пратенички мандати – стои во реакцијата на Јакимовски.

ЛДП Ви велеше дека Вие (СДСМ) и ВМРО-ДПМНЕ сте „змија или магаре“ и народот од тоа треба да одбере! Не знам што од овој избор сте вие, но факт е дека ЛДП Ви се во коалиција и дека на мртва партија и подаривте 1 градоначалничко и 3 пратенички места. Сега и Роза Топузовска си замина, а Вие само си плачете и си шепотите, оти ЛДП е се уште Ваш партнер.

Можете ли да кажете колку пати ЛП влегуваше и излегуваше од коалиција со Вас?

Со Мендух Тачи си упатувавте смртни закани, се тепавте, за да потоа си праќате „љубовни пораки“, и на крајот, повторно се направите „перенде“!

Вие во СДСМ немате двоен морал, вие немате морал! Зарем е мал  аргументот што Миле Зечевиќ го ликвидиравте од партијата, како што велевте, поради проневерени партиски пари, а денес ви е организационен секретар?!

- Пратениците кои на 24 декември беа подготвени да погинат во Собранието на РМ и излегоа претепани, денес ги направивте политички мртовци. Бранко Црвенковски кој Ви беше партиска икона и без кого видовте колку вредите, денес не го каните ниту на конвенции ни на конгреси. Е тоа е Вашиот морал во СДСМ, па оттаму, за сé можете да говорите, ама за морал не – се вели во реакцијата на Стевче Јакимовски на соопштението на СДСМ

13.06.2014 - 13:07
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега