ТАБЕЛА: Македонија со највисок раст на БДП во Европа во првиот квартал

Економијата во првиот квартал порасна за 3,9%, објави денеска Државниот завод за статистика. Овој резултат значи дека земјава има поголем раст на БДП во однос на сите земји од Европската унијa, пишува денеска Економски.мк.

Имено, според податоците кои минатата недела ги објави ЕУРОСТАТ, во првите три месеци од 2014, најголем раст во ЕУ забележала Полска од 3,5%. Зад неа е Унгарија со 3,2%, а над три проценти раст има само уште Велика Британија – 3,1%.

Од регионот, во првиот квартал, растот во Србија изнесува 0,4%, во Бугарија 1,2%, а во Грција има негативен раст од 1,1%

Во земјава најголем раст бележи градежништвото со 13,7%. Тоа останува двигател на растот благодарение на инфраструктурните проекти на државата, односно изградбата на автопатите.

Овие државни инвестиции придонесуваат и за намалување на невработеноста. Само на изградбата на патиштата се ангажирани над 1000 работници. Тоа резултира со натамошен пад на невработеноста. Вчера ДЗС објави дека таа е на најнискo ниво досега од 28,4%.

Од почетокот на 2014 во континуитет расте и индустриското производство, а растот на извозот во април достигна раст од 15,1 % во однос на истиот период минатата година.

Експeртите сметаат дека овие бројки упатуваат на тоа дека прогнозите за раст на македонската економија од околу 3,5% до крајот на годината ќе бидат остварени.

13.06.2014 - 15:55
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа