Паника во СДСМ: Политиката на бојкот пропаѓа - десетина пратеници на опозицијата назад во Собранието?

Бојкотот на Заев на стаклени нозе. Од ден во ден се поголем број избрани пратеници не ја исклучуваат можноста да се вратат во собраниските клупи. Дел од нив веќе поднесоа оставки, но оставаат простор до 18 јуни, за кога е закажана првата пленарна седница, сепак да дојдат на работа во Собранието. 

По Роза Топуовска Каревска најава за можно враќање во Собранието доаѓа и од Солза Грчева.

„ Јас со крвава работа во советот ја добив честа да бидам на пратеничката листа на опозицискиот блок. До последен момент, до среда кога конечно треба да ни биде верификувано враќањето на мандатот ќе бидам гласна дека овој бојкот што го предложи раководството за мене не е прифатлив и сметам дека поинаку треба да ја водиме борбата за уривање на власта. Ќе размислувам до последен момент, и како ќе продолжам ќе биде моја одлука – вели Грчева и нагласува дека таа со изборот од граѓаните добила мандат да биде нивен преставник во законодавниот дом и дека има обврска кон нив.

Таа го деактивираше својот профил на социјалните мрежи и не одговара на телефонските повици на новинарите и партиското раководство, сличен метод кој го практикуваше и Каревска пред да го официјализира враќањето во Собранието. 

Покрај овие две пратенички од опозицијата, не се исклучува можноста уште најмалку петмина да го следат нивниот пример. На тој начин, бројот на пратеници во бојкот, кој ќе останат на оставките би паднал по бројката од 30. 

Сепак, тука не завршува „опасноста“ по бојкотот на Заев. Голем број кандидати за пратеници кои доаѓаат следни на листите на опозицијата во шесте изборни единици најавуваат враќање во Собранието. Нашите информации велат дека само во првиот круг откако ДИК ќе им ги понуди мандатите на луѓето кои сега останаа надвор од Собранието уште петмина пратеници ќе се вратат во законодавниот дом. На тој начин, опозицијата би можела да состави пратеничка група која би броела над 10 народни избраници. 

Законот вели, дека ДИК ќе им ги нуди мандатите на сите кандидати на листите на здружената опозиција, а токму тоа е причина за голема паника во редовите на СДСМ.

Според нашите информации, Заев во последните неколку денови интензивно врши одвоени средби со претседателите на помалите партии од коалицијата кои имаат свои кандидати подолу на листите и ги убедува да не му го вртат грбот. Press24 разговараше со неколкумина и сите велат дека се во голема дилема дали да останат на политиките на бојкот и да се вратат во Собранието. Речи си сите велат дека местото н опозицијата е во Собранието но конечната одлука ја најавуваат откако актуелните пратеници, и официјално останат без мандат.

14.06.2014 - 21:01
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега