Македонија со најголем раст на БДП во Европа

Македонската економија зема залет - во првиот квартал годинава порасна за 3.9%. Според експертите и бизнисмените ова е одличен резултат, а според официјалната статистика на ЕУРОСТАТ растот кој го забележала земјава е највисок во Европа, а со тоа и подобар споредено со сите земји од ЕУ.

Ваквиот раст укажува на тоа дека македонската економија оди во позитива и фирмите заработуваат. Особено е важно што од почетокот на 2014 година, постојано е во пораст и индустриското производство, додека растот на извозот во месец април достигна 15.1 проценти.

Познавачите велат дека овие резултати се потврда за исправноста на мерките кои ги превзема Владата во насока на надминување на последиците од светската криза, како и поволностите за инвеститорите и чекорите кои се превземаат во насока на креирање на поволна бизнис клима.

Со тоа се растерети стопанството и што е мошне важно, македонската економија бележи раст во време кога стопанствата на некои големи држави се уште се соочуваат со огромни и штетни последици од светската криза. Според експертите и бизнисмените, тоа значи сигурност и добар показател за секој иден инвеститор.

Раст е забележан речиси во сите сектори. Генератор на економскиот раст е градежништвото и тоа со 13,7 %. Финансиското посредување учествува со 4,7 %, трговијата на големо и мало со 3,3 %. Ако се анализира структурата на БДП според расходниот метод, бруто инвестициите од јануари до март се зголемиле за 26,5 % во споредба со истиот период од лани

Растот на економијата во првиот квартал за 3,9% значи дека Македонија има поголем раст на БДП во однос на сите земји од Европската унијa. Според податоците кои ги објави ЕУРОСТАТ, најголем раст во ЕУ во првите три месеци од 2014 забележала Полска од 3,5%, следи Унгарија со 3,2%. Над три проценти раст има само уште Велика Британија – 3,1%.

Од регионот, во првиот квартал растот во Србија изнесува 0,4%, во Бугарија 1,2%, додека во Грција има негативен раст од 1,1%. Најголем раст во Македонија бележи градежништвото со 13,7%, кое останува двигател на растот благодарение на инфраструктурните проекти на државата, односно изградбата на автопатите.

Овие државни инвестиции додеведуваат и до намалување на невработеноста. Само на изградбата на патиштата работат над 1000 работници. Тоа резултира со натамошен пад на невработеноста. Деновиве ДЗС објави дека таа е на најнискo ниво досега од 28,4%, што е за 1,5 отсто пониска од првиот квартал минатата година

Македонската економија во 2014-та според Народната Банка ќе се зголеми за 3.7%, според Владата и ММФ за 3.5%, а според Светска Банка за 3%.

16.06.2014 - 11:40
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега