Ахмети-Гарет: СДСМ да се врати во Собранието

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети денеска во Тетово го пречека новоименуваниот британски амбасадор во Скопје, Чарлс Гарет.

Ахмети и Гарет разговарале за политичката ситуација во земјава како и процесот на интегрирање на Македонија во НАТО и Европската Унија.

-Претседателот Ахмети му честиташе на Амбасадорот Гарет за новата задача и му посака успешна работа и изрази убеденост дека блиската и успешна досегашна соработка со Британската Амбасада ќе продолжи и во иднина. Во врска со политичките збиднувања, Ахмети говореше околу значајноста на интегративниот процес на Македонија во НАТО и ЕУ. Лидерот Ахмети повтори дека страните се блиску до компромис, но дека за да се постигне долгоочекуваното решение, треба да се вклучи активно и меѓународната заедница, информираат од ДУИ.

Ахмети истакна дека за ДУИ, НАТО нема алтернатива и затоа макотрпно работи за да се постигне членството во северноатлантската алијанса додека зачленувањето во ЕУ е процес кој ќе се реализира по имплементирањето на реформите и потребните стандарди.

Ахмети посочи и дека очекува СДСМ да се врати во Собранието и да ги презентира своите ставови во законодавниот дом. За сите конструктивни иницијативи, СДСМ ќе наиде на наша поддршка, но во овие значајни времиња за земјата, СДСМ треба да превземе одлуки за доброто на државата и граѓаните. 

16.06.2014 - 14:43
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа