Италијанското претседателство со реален пристап кон статусот на Македонија

 

Италијанското претседателство со Советот на Европската унија, кое стартува на 1. јули годинава и ќе трае шест месеци, ќе нема негативен пристап кон проширувањето на Унијата и на статусот на Македонија, но ќе пристапи реалистично, истакнаа високи официјални лица на италијанската Постојана мисија при ЕУ, кои денеска неофицијално ги промовираа приоритетите на идното претседателствување со Унијата, во зградата „Резиденс Палас“ во Брисел, пренесува МИА.

Според овие лица, кои инсистираа на анонимност, рамката за оваа дискусија во следните шест месеци по завршувањето на Грчкото претседателство со ЕУ, ќе се одвива на попрагматичен начин. Тие велат дека ако се остане на ниво на принципи што и како, дека не може да се најде заедничко тло.

- Со години слушаме за замор од проширувањето, но во меѓувреме почнавме преговори за членство со Црна Гора, со Србија, потпишавме договор за асоцијација со Косово, а сега има надеж дека ќе се донесе одлука и за доделување на кандидатски статус на Албанија. Не гледаме можност за регата-пристап, за тоа сите земји да се движат во исто време напред во процесот, но гледаме процес во кој земји се оценуваат според заслугите и капацитетот да се приклучат на ЕУ. Не сме негативен, реалистични сме и истото се однесува и на Македонија и нејзините шанси да ги почне пристапните преговори, велат високите извори од Италијанското претседателство со Унијата, пренесува МИА.

Оттаму потврдуваат дека ќе се обидат да и помогнат на Република Македонија да напредува во евроинтеграциите, но, велат, „мора прво да си помогнете самите на себе“, во однос на политичките настабилности во земјата.

Според информациите на МИА, постојат шанси на претстојниот јунски Самит на Европскиот совет, Албанијада добие статус на земја - кандидат за членство во ЕУ, што значи дека за време на претседателствувањето на Италија со официјален Брисел, дури е можно да почне и со преговорите.

- Не се лоши шансите на Албанија да стане кандидат, еволуцијата на досието уверува, велат високите извори од идното претседателство со ЕУ.

Еден од приоритетите, но и предизвиците за време на шестмесечното италијанско претседателство со Унијата, пишува МИА, ќе биде Источното партнерство и привлекувањето на дел од земјите кои граничат со Руската федерација кон Брисел. Италијанците велат дека ќе треба да се поработи на ова прашање во следните месеци оти има подеми и падови во овој процес. Тие посочуваат дека треба да се донесат многу одлуки и да се прилагодат според развојот на ситуацијата, но дека е тешко да се каже што точно, зависно од ситуацијата на терен, но дека партнерството е на важна патека.

Една од поважните работи со кои ќе се соочи Италијанското претседателство со ЕУ, е и изборот на нов претседател на Европската комисија и целиот Колеџ на комесари, ако се знае дека на претстојниот Самит на Советот, земјите-членки нема да можат да донесат одлука дали Жан-Клод Јункер или Мартин Шулц ќе го наследат Жозе Мануел Барозо.

- Идеите и програмите се први, а имињата дури потоа. Затоа, нема поента да се дискутира за имиња, без дискусија за приоритети. Ќе имаме бројни приоритети, ќе се дискутира на Европски совет, во однос на чувството што Комисијата да прави со идеите. Процесот ќе биде подолг од што се очекуваше на почетокот. Треба да најдеме централна точка што да се стори и постигне, посочуваат од претседателството, пренесува МИА.

-Високите италијански извори потврдуваат и дека нема согласност во Советот на ЕУ дали во идниот состав на Колеџ на комесари да се најде место и за комесар за проширување и тој избор ќе му го препуштат на новиот претседател на Еврокомисијата. Сепак, тие велат дека ќе се заземат цврство и околу прашањето за енергетска ефикасност и независност на Унијата, со поента дека не е закопана идејата и за Јужен тек, туку смао дека треба да се „испеглаат“ некои работи со Русија околу изворите и патиштата, пишува МИА.

Италијанското претседателство со Европската унија стартува на 1 јули и ќе трае до 31 декември оваа година. 

16.06.2014 - 15:24
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа