Груевски ќе ја промовира Македонија во Велика Британија

Македонскиот премиер Никола Груевски од денеска ќе престојува во неколкудневна економска работна посета на Велика Британија. Во владината делегација се и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо.

Груевски и владината делегација во Ливерпул ќе присуствуваат на „Глобалниот економски форум 2014“ кој се одржува како дел од програмата на глобалниот економски настан „Интернационален фестивал за бизнис“. Форумот е шанса за размена на искуства за актуелните економски предизвици, како и за можностите кои се ставаат на располагање за продлабочена економска соработка.

Министерот за финансии, Зоран Ставрески ќе има свое обраќање во рамки на посебната сесија посветена на темата за раст на пазарите на земјите во развој и нивното влијание врз Европа како и за можностите за бизнис кои се нудат под влијание на неодамнешната криза.

Како дел од редовната програма на Глобалниот економски форум 2014, во соработка со групацијата „Фајненшл Тајмс“ ќе се одржи и Инвестициски форум посветен на Република Македонија каде делеагацијата на чело со Груевски ќе елаборира за можностите за правење бизнис и инвестиции во Република Македонија, како и за можностите за соработка на британските и меѓународните бизниси и нивно инвестирање во Македонија.

Од особена важност е можноста за преставување на инвестициските потенцијали на државата бидејќи овие денови Ливерпул е градот кој е во центарот на вниманието на светската економска јавност одржувајќи го Интернационалниот фестивал за бизнис, во чии рамки се и тековните настани каде ќе присуствува и премиерот Груевски. Интернационалниот фестивал за бизнис медиумите во Велика Британија е оценет како најголемиот бизнис настан кој се одржува во последните 50 години кој е дел од заложбите на британската влада за интензивирање на економската соработка и удвојување на економската размена. Овој настан, во чии рамки се одржува и Глобалниот економски форум 2014 трае 50 дена во јуни и јули и ја содржи најголемата концентрација на бизнис настани во  2014 година. Бизнис собирот е дел од заложбата на владата на Велика Британија за раст на интернационалните пазари и преставување на бизнис можностите на различните држави од целиот свет. Во рамките на ова бизнис случување ќе се одржат 100 различни настани и се очекуваат над 250 илјади посетители за период од два месеци и бизнис преставници од 125 држави.

Интернационалниот фестивал за бизнис е поддржан и финансиран од Владата на Велика Британија. На нејзиното отворање присуствуваше премиерот Дејвид Камерун кој истакна дека ова е најголемото прикажување на британскиот бизнис од 1951 година.

- Тоа е излог каде може да се видат претпријатијата, прикажување на иновации, креативност. И јас би сакал да ја видам изложбената хала и како што претходно слушав, да ги видам сите тие работи кој бизнисот има да ги понуди, истакна Камерун. Партнери на глобалниот економски настан се и Си Ен Ен, Фанејшл Тајмс,  фирми како Сименс, Ленд Ровер, Јагуар, Тошиба, Братанската комора, Лондонската берза, Министерството за бизнис, иновации и вештини и други. Глобалниот економски форум се одржува од 16 до 18 јуни како составен дел од содржините на овој бизнис фестивал.

Најавени се и посети на Груевски на повеќе медицински центри во Велика Британија каде ќе се разгледат можностите за остварување соработка и размена на медицински персонал и негова обука. 

17.06.2014 - 08:44
Фото: 
Лидер
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега