Скопјани ќе плаќаат повеќе за регистрација на автомобилот

Македонија се подготвува што побезболно да го помине процесот на либерализација на пазарот за автоодговорност, бидејќи прашање е на време кога тоа ќе се случи. Бугарија, Романија и Албанија имаат многу лошо искуство бидејќи по носењето на одлуките за слободно формирање на цените на полисите за автоодговорност, нивните пазари на осигурување беа доведени на работ на крах, пишува Вечер.

- Знаеме дека тоа е многу осетливо прашање и земјите што примениле либерализација поминале низ многу тежок период. Таков беше случајот со Бугарија, Романија, Албанија, а сега и во Хрватска. Пред две-три години во Бугарија и Романија поради конкуренцијата, цените на полисите за автоодговорност отидоа надоле и се случи да компаниите да не можат да ги сервисираат обврските кон осигурениците, односно да ги исплаќаат штетите. Слично нешто се случи и во Албанија која пред 1,5 година воведе либерализација на цените и тогаш тие паднаа за 50%. Тогаш албанскиот регулатор сфати дека осигурителните друштва западнаа во тешка ситуација и оттогаш цените растат. На пример, зелен картон во Албанија сега чини 400 евра – вели Климе Попоски, претседател на Советот на експерти при Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

- На пример, нема да биде исто дали ти си жител на Скопје и возилото го регистрираш во Скопје или си во Берово. Нормално дека во Скопје има поголема фреквенција и веројатноста за сообраќајка е многу поголема, отколку во Берово, така што во Скопје ќе се плаќа поголема цена од тие што се во Берово. Значи, ќе има ризик во однос на град, ризик во однос на регион, ризик во однос на јачина на мотор кој веќе го имаме имплементирано, но ќе има и ризик во однос на возраст, значи секоја возрасна група ќе има различна цена. Тоа ќе го ставаат самите компании.
Дури има критериуми и во однос на бојата на возилото, бидејќи и тоа делува на веројатноста на случување на сообраќајки – објаснува Попоски.

Што се однесува до ризикот машко-женски пол на возачи, Попоски вели дека таквата поделба е дискриминирачка.

Во Македонија премија за автоодговорност и зелен картон чинат 88 евра, во Србија 100, во Босна и Херцеговина 143 и во Црна Гора 131 евро. Во Албанија регистрација е 55 евра, но зелениот картон таму чини 400 евра. Бугарија и Хрватска се членки на Унијата и кај нив цената зависи од пазарот. Последна корекција на цената во земјава е направена во 2008 година, кога се намали за 30%.

20.06.2014 - 14:28
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега