Годинава просечена оценка на екстерното тестирање подобра од лани

Просечната оценка на екстерното тестирање на учениците по вкупно 368.115 тестови по сите предмети и во сите одделенија и години на образование е 3.63, што е подобро за 0.38 процентни поени од минатата година, кога просекот беше 3.25. Резултатите на прес-конференција денеска ги објави министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми. 

- Има подобрување во целиот процес, имаме поддршка и од наставниците и од професорите и тоа е добро и позитивно за образованието во Македонија. Отпорот што на некој начин постоеше на почетокот, сега веќе не постои, соработката е многу голема и ова се прифаќа како голема реформа, рече Адеми.

Најдобри резултати биле постигнати по предметот Етика на религиите (4.42), а најслаби по предметот Технологија на обработка (2.37).  Во основното образование, пропорционално на бројот на ученици, највисока просечна оценка имаат учениците од ОУ „Гоце Делчев“ во Општина Центар (4.94), а најслаба во ПОУ „Сандо Масев“ во село Баница, Струмица (1.93).

Од средните училишта со најдобар просек на екстерното се учениците од гимназијата „Орце Николов“ (4.57), а најслаба просечна оценка има кај средношколците во текстилното „Ѓоце Стојчевски“ во Тетово (2.03).

Екстерното се спроведе од 2-ри до 10 јуни и ги опфати учениците од четврто одделение до трета година средно образование, зашто матурантите поради обврски со државната матура беа тестирани во јануари.

- Од вечерва училиштата ќе добијат распоред за кои наставници, за кои предмети и за кои ученици училишната комисија ќе ги разгледува портфолијата, а ќе се спроведе електронски, рече Амети.

 

25.06.2014 - 14:17
Фото: 
новатв
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега