Попоски: Расмусен потврди - ветото за НАТО останува привилегија на една земја-членка

Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, го потврди она што го знаеме од практиката, а тоа е дека ветото останува привилегија на една земја-членка. Ова е одговорот на министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, по денешната одлука на Северноатлантскиот совет (НАК) на Алијансата, на септемврискито Самит на НАТО во Велс, Македонија повторно да не добие покана за членство, ниту некој од останатите три земји-аспиранти, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Министерот Попоски, кој во моментов е во седиштето на НАТО во Брисел на состанок на НАК со шефовите на дипломатиите на земјите-контрибутори во ИСАФ-мисијата во Авганистан, со разочарување ја прими информацијата лиферувана од Расмусен, дека нема да има проширување на Самитот во Велс, кој доаѓа шест години откако на Самитот во Букурешт во 2008 година, НАТО утврди дека Македонија ги исполнува сите услови да стане членка на најголемата воено-политичка организација на светот, но дека поради ветото од страна на Грција, тоа не може да се случи додека не се реши наметнатиот спор за името.

- Македонија нема никаков друг предизвик кон членство, освен да помогне во внесувањето малку разум кај прекршувачот на меѓународното право во нашите сојузнички редови - додава македонскиот шеф на дипломатијата во изјава за МИА.

Како што е познато, освен Македонија, покана за членство на претстојниот Самит очекуваа и Црна Гора и Грузија, но и овие земји останаа да чекаат, со оглед на тоа што, како што истакна генералниот секретар Расмусен - треба да исполнат уште многу услови. Во случајот со Македонија, не се работи за ниту еден технички или политички услов или критериум, туку само за условот под диктат на Грција да го промени уставното име. 

25.06.2014 - 15:18
Фото: 
дневник
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега