Нови владини мерки за младите, студентите и пензионерите

На денешната владина седница беа донесени низа мерки за младата популација, студентите и пензионерите.

Со првата мерка се предвидува дополнување на проектот „Купи куќа, купи стан“, односно намалување на каматната стапка од 4,99 % на 3,95 % за првите три години и од 5,5 % на 4,44 % за четвртата и петтата година.

-Со намалување на каматната стапка, сите кои ќе се одлучат да го искористат проектот во првите три години ќе заштедат за околу 1.800 евра за кредит до 50.000 евра или за сите оние кои ќе земат кредит за купување на куќа или стан заштедата ќе изнесува од 2 до 3 илјади евра, изјави Груевски, кој додаде дека трошоците од намалената каматна стапка ќе се исплаќаат од буџетот на Република Македонија.

На денешната владина седница беше донесена и одлука за започнување на реализација на проектот Слободен четврток, со која се предвидува слободни влезници за студентите во сите културни државни институции за следење на кино, театар, изложби, концерти, опера и балет, како и слободен превоз на жичарницата до Милениумскиот крст.

Третата мерка која денеска беше усвоена на владината седница е бесплатен железнички превоз или попуст за користење на истиот.

-Целта на оваа мерка е поголема мобилност и зголемување на искористеноста на железничкиот сообраќај, истакна Груевски, кој појасни дека мерката предвидува бесплатен превоз за пензионерите за време на викенд, односно петок, сабота и недела, во секој втор викенд од месецот.

Младите до 27 години ќе можат да користат  бесплатен железнички превоз во третиот викенд од месецот, а со оваа мерка се предвидува и попуст од 50 % за карта за железнички превоз за учениците и студентите, како и бесплатно патување секој четврток за студентите. 

25.06.2014 - 15:42
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега