Груевски: Владата со нови мерки од интерес на граѓаните

Дополнително унапредување на условите од проектот „Купи куќа купи стан“ со намалување на каматните стапки, реализација на проект „Слободен четврток“ со бесплатни влезници во државните културни установи и на жичарницата за превоз до Милениумскиот крст секој четврток, бесплатен превоз во железницата еднаш месечно за повозрасните лица и за младите до 27 години,....   

Тоа се новините со најновите усвоени владини мерки што ги соопшти премиерот Никола Груевски по денешната седница на Владата, кои првенствено се од интерес младата популација, младите брачни парови и пензионерите.

Владата, информира Груевски, усвоила измени на Законот за субвенцинирање станбен кредит со кој се намалуваат каматните стапки за субвенционираниот станбен кредит за граѓаните од 4,99 проценти на 3,95 проценти за првите три години од отплатата на кредитот и од 5,5 проценти на 4,44 проценти за четвртата и петата година, за моделот кај кој се субвенционира дел од месечниот ануитет. Со измените месечната рата за граѓаните ќе се намали за околу 1.800 евра за првите пет години од отплатата на кредитот, за кредит од 50.000 евра за купување стан односно изградба или купување куќа. Со комерцијалните кредити граѓаните при аплицирањето за субвенциониран станбен кредит ќе остварат каматни заштеди од две илјади до три илјади евра, рече Груевски истакнувајќи дека трошоците за намалување на каматните стапки ќе се надоместат од државниот Буџет.

Со претходните измени на Законот, потсети Груевски, се овозможи добивање субвенциониран станбен кредит и за лица кои имаат во сосопственост најмногу до половина стан односно куќа стекнати по основ на наследство. Исто така, со измените се зголеми прагот на максималните месечни приходи, кој е еден од условите за добивање субвенција и тоа од 900 на 1.300 евра за лицата кои се во брачна заедница додека за лицата кои не се во брачна заедница остана прагот од 9090 евра.

- Со најновите измени уште позитивно се влијае на обезбедување поволни услови за решавање на станбеното прашање за граѓаните, што од своја страна има придонес и за позитивно влијание врз квалитетот на животот и развојот на семејството, оцени премиерот Груевски.

Проектот „Слободен четврток“, појасни, овозможува студентите секој четврток да ги посетуваат програмите на културните установи, опери, балети, концерти, изложби, без никаков надомест. Слободниот влез  на културните настани се однесува на содржини во продукција на државните културни установи. Воедно со проектот е предвидено студентите секој четврток да имаат и слободен пристап на жичарницата до Милениумскиот крст, односно бесплатен превоз во тој ден. 

-  Целта на оваа мерка е културните добра да станат достапни до младата публика со цел градење, јакнење на културните навики кај младата популација, градење квалитетна и едуцирана публика и секако масовна посета на културните содржини во Република Македонија, рече Груевски.

Според  одлуката од денешната седница на Владата, бесплатен железнички превоз еднаш месечно, вториот викенд во месецот,  ќе можат да користат повозрасните лица, жени над 62 години и мажи над 64 години. Младите лица, пак, до 27 години, ќе може бесплатно да се возат третиот викенд во месецот, односно еднаш месечно. Учениците и студентите ќе добијат попуст од 50 проценти на картата за железничкиот превоз, а студентите пак секој четврток целосно бесплатно патување.  

- Со оваа одлука на голема бројка од граѓаните, особено помладите, им стануваат подостапни услугите во железничкиот превоз. Оваа мерка претставува континуитет на заложбите на Владата за инвестирање во железничкиот сообраќај. Доколку се земе во предвид и почетокот на реализацијата на проектот за обезбедување на нови превозни средства за железничкиот сообраќај  за кој вчера се потпиша договор, и модернизирање на железничката инфраструктура, позитивното дејство на оваа наша одлука добива повеќе на значење, рече Груевски.

Новите мерки, нагласи, ќе придонесат за подобрување на позицијата на граѓаните и позитивно ќе влијаат на задоволување на нивните потреби и интереси. Владата и во иднина ќе продолжи со интензивното темпо на реализација на програмата и ветувањето и со спроведување мерки и проекти кои се од интерес за граѓаните, рече Груевски. 

25.06.2014 - 16:00
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега