Нов закон: До крајот на април секој викенд за 5% поевтина храна во Македонија

Дафина Стојаноска, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“, кажа дека денеска ќе поднесат предлог закон за викенди без ДДВ до Собранието на Република Македонија.

„Цените на прехранбените производи се зголемени за близу 30% заклучно со септември, а кај поедини производи зголемувањето надминува и 50%. Власта поради високите цени прибира огромни средства од ДДВ и истите ги троши за купување октоподи, бифтеци и златен прибор. Со предлог законот на ВМРО ДПМНЕ секој викенд додека трае прогласената кризна состојба, односно до 30 април, бараме да биде викенд без ДДВ за прехранбени производи. Владата може и мора да се откаже од неколку милиони евра кои значително ќе им помогнат на граѓаните да се прехранат“, вели таа.

Во обраќањето Стојаноска кажа дека мерките што Власта ги најави за време на викендот, својот ефект ќе го достигнеле во јануари идната година. Предолго е, нема време за чекање, мора да се делува сега и веднаш. Со нашиот предлог закон намалувањето на прехранбените производи ќе биде за 5% уште од овој викенд.

„Кога сме на тема ДДВ сакам да информирам дека ќе побараме дополнување и во законот за ДДВ со кое ќе ги ослободиме од данок дрвата за огрев и пелетите. Над 300 илјади домаќинства се греат на овој начин, а цените пораснаа речиси двојно. Останува прашањето зошто државното јавно претпријатие Македонски шуми дозволи вакво поскапување? Според предкризни податоци, над 20% е стапката на сиромаштија во Македонија. Со овие стапки на инфлација, кои е прашање кога ќе се намалат, овој процент драстично расте. Се намалува животниот стандард, граѓаните ги рационализираат своите трошења, а Димитар Ковачевски прави стенд ап низ Македонија“, кажа Стојаноска.

01.11.2022 - 12:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега