Новата амбасадорка на Германија до Џафери: Земјата да покаже демократска зрелост на изборите

Сега е моментот Македонија, заедно со Германија, да влезе во следната фаза од евроинтегративниот процес – одржувањето на првата меѓувладина конференција за формално почнување на преговорите, било заклучено на средбата Холштајн-Џафери

Од Македонија се очекува да покаже демократска зрелост во одржувањето на предвремените парламентарни избори и да продолжи по својот интегративен пат со влада која има целосен легитимитет, како и во делот на претседавање со Берлинскиот процес, заедно со Бугарија оваа година, како можност и за понатамошно унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.

Оваа порака ја упатила до претседателот на парламентот во заминување Талат Џафери новоименуваната амбасадорка на Германија во земјава Анке Гизеле Холштајн, на денешната средба во Собранието.

Како што информираа од кабинетот на Џафери, амбасадорката Холштајн оценила дека земјата направи голем исчекор во изминатите години со потпишувањето на билатералните договори со Грција и Бугарија, станувајќи полноправна членка на НАТО и добивајќи одлука за почнување преговори за членство во ЕУ.

„Сега е моментот заедно со Германија да се влезе во следната фаза од евроинтегративниот процес – одржувањето на првата меѓувладина конференција за формално почнување на преговорите. Ова е приоритет на германската канцеларка Меркел и на Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје и истата треба да се одржи кон крајот на оваа година. Активностите во рамките на германското претседателство со Советот на ЕУ, кое се одржува во еден нестандарден формат, ќе бидат насочени и кон борбата против коронавирусот и справувањето со неговите последици, особено економските штети и донесувањето на новата финансиска рамка во ЕУ“ било заклучено на средбата Холштајн-Џафери, како што соопштија од Собранието.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.07.2020 - 13:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега