Обезбедени 15 милиони евра преку ИПА 2019 за финансирање во секторот земјоделство

Тековните проекти финансирани од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ, како и идната финансиска помош од ИПА 2019 која што е во фаза на програмирање, и областите во секторот земјоделство што ќе се финансираат преку ИПА 2019, за што веќе се обезбедени околу 15 милиони евра, беа разгледувани на редовниот работен состанок на Секторската работна група во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во групата членуваат претставници од МЗШВ, од Делегацијата на ЕУ, од надлежните институции во секторот земјоделство, странски донатори и невладини организации.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски посочи дека овој состанок е добра можност за дискусија за идните приоритетни политики за развој на земјоделството.

- Развојот на земјоделството зависи од политиките и мерките што ќе ги имплементира Министерството во соработка со сите чинители од секторот земјоделство. Секторската работна група ќе служи како платформа за поставување на политиките и перспективите од заеднички интерес, со цел креирање ефикасни политики за развој на земјоделството. Работната група ќе се осврне на потребата за приспособување на земјоделската политика во земјата, врз основа на релевантни детални анализи, истовремено земајќи ги предвид неопходните прилагодувања поради процесот на приближување кон ЕУ“, рече министерот Николовски.

Раководителот на секторот за соработка на Делегацијата на Европска Унија, Никола Бертолини, порача дека ваквите средби придонесуваат за успешна реализација проектите што се финансираат од ЕУ, затоа што во комуникација со јавниот сектор се добива прецизна информација што треба да се сработи и каде треба да се инвестира. Бертолини ја пофали работата на Секторската работна група на МЗШВ, како најдобра од сите три со кои ЕУ во моментов работи.

- Се гледа голема посветеност во реализацијата на проектите. На овој начин ќе може да има развој на национално и на регионално ниво, и регионите поделени на просечни и потпросечни да се донесат на ниво на израмнување со што би се подобрила конкурентноста помеѓу нив, истакна Бертолини.

Дел од крупните проекти кои ги спроведува МЗШВ со помош на ЕУ, се проектите во делот на консолидација на земјоделското земјиште, руралниот развој, шумарството, Платежната агенција, храна и ветеринарство, заедничка организација на пазарот за земјоделски производи, системите за наводнување и фитосанитарната политика.

Во следниот период Секторската работна група ќе се посвети на постојана координација и комуникација и запазување на динамиката на реализација на проектите. 

 

 

 

23.04.2018 - 15:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа