Од денеска трошењата на државата на увид преку „Отворени финансии“

Трошењата на државните пари од денеска се на увид на јавноста. Преку веб платформата „Отворени финансии“ може да се погледнат сите плаќања на државните институции и примателите на средствата. Достапни се трошењата од 2010 година наваму, а во иднина ќе се објавуваат податоците на 15 дена.

Новата веб-платформа „Отворени финансии“ ја презентираа денеска премиерот Зоран Заев, министерката за финансии Нина Ангеловска и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски.

– Денеска пред очите на јавноста ставаме финансиски податоци за над 12,5 милиони трансакции. Стандардите се поставени. Од денеска па натаму секогаш кога некое министерство, агенција или државна управа ќе извршат уплата на пари, трансакции во рекордно време ќе биде јавно достапна на увид секоја трансакција во сите државни институции за сите граѓани во државата, рече премиерот.

Тој оцени дека денеска е празник на транспареноста и отчетноста во Република Македонија.

-Тоа е така бидејќи после многу години обиди на граѓанскиот сектор во Северна Македонија конечно се отвори државниот трезор на Министерството за финансии и на увид на граѓаните ги ставаме минатите, сегашните и сите идни финансиски трансакции на буџетските корисници од Буџетот на државата, изјави Заев.

Според премиерот, отворањето на трезорот и сите податоци во него е една од најголемите мерки во насока на намалување на корупцијата и неправилностите во работењето на државните институции, како и штедење на парите на граѓаните.

-Со ова ниво на транспарентност и отчетност граѓаните, медиумите и граѓанските организации ќе можат слободно да ги истражуваат плаќањата на институциите и да согледуваат дали некоја институција форсира поедин економски оператор или компанија или префрлува пари на едни исти физички лица за различни работи и сл. Потоа, преку Законот за пристап до информации од јавен карактер можат да се обратат до институцијата и да побара дополнително повеќе информации доколку наидат секако на сомнителна трансакција. На тој начин платформата „Отворени финансии“ во иднина ќе биде коректив на работењето на институциите и силна барикада за корупција, незаконитост и останатите неправилности кои ги среќаваме во самите институции, потенцира премиерот.

Според министерката за финансии Нина Ангеловска, ова претставува декласифицирање на податоците за трансакциите на буџетските корисници и се покажува дека имаме инститиуционален капацитет за големи демократски чекори.

Платформата, како што рече, е еден од клучните резултати од големата реформа на јавните финансии, во чија суштина е транспареноста.

-Со промовирање на оваа платформа, заложбата на оваа Влада за ефикасно, транспарентно и ефективно управување со јавните финансии станува реалност. Овој чин е уште поважен бидејќи е чекор напред кон европскиот пат, додаде Ангеловска, најавувајќи дека во Министерството се работи и на други проекти.

Министерот Поповски оцени дека оваа платформа е само лигичен чекор и една од низата што ги презеде Владата кога ја иницираше програмата за политички и демократски реформи за да ја врати довербата на граѓаните во инститиуциите на системот.

-Првпат во политичката практика на нашата земја Владата е таа што самоиницијативно ги стави на најотворен, најтранспарентен начин своето финансиско раобтење и актинвости на увид на јавноста, потенцира Поповски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.11.2019 - 12:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега