Опозицијата му даде рок на Заев до денес до 14.30 часот да ја поднесе оставката

Опозицијата најдоцна до 14:30 часот денеска ќе чека премиерот Зоран Заев најавената оставка да ја достави до Собранието. Доколку тоа не се случи, како што најавија, во Собранието ќе биде поднесена иницијативата за гласање недоверба на Владата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера повтори дека е обезбедено мнозинство кое ќе изгласа недоверба на Владата, доколку премиерот Заев не ја поднесе оставката. Истовремено, тој ги повика и останатите пратеници, покрај оние 61 кои, како што напомена, се веќе дел од мнозинството, да им се придружат.

-Отворена е вратата за секој што мисли дека оваа Влада на Заев не е добра. Секој што ја поддржува оваа Влада, нормално дека нема да биде дел од пратениците кои ќе гласаат недоверба. Тука не постои политичка партија, туку се работи за пратеници. Вкупно 61 застанаа зад иницијативата. Ги повикувам и останатите да се придружат, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, одговорајќи на новинарски прашања.

Според него, по поднесувањето на иницијативата, процедурата ќе биде во рацете на претседателот на Парламентот, кој треба да ги почитува постапката и роковите.

По повод новонастанатата ситуација, во Тетово вчера се одржа седница на Централниот одбор на Демократската унија за интеграција (ДУИ), која е дел од владејачкото мнозинство. На седницата се дебатираше за натамошните потези на партијата со оглед на понудената оставка на премиерот Зоран Заев. Партискиот портпарол Бујар Османи по тричасовната седница изјави дека ова партиско тело го овластило лидерот на ДУИ, Али Ахмети, сам да носи одлуки.

Тој потенцираше дека со тоа овластување кое го има од Централниот одбор Ахмети продолжува да разговара со претставници на другите партии со цел да се одржи политичката стабилност.

 

08.11.2021 - 09:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега