Општина Штип го прогласи Дејан Митров за најдобар спортист во 2023 година

Во преполната сала на Мултимедијалниот центар на Еконскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев” беа врачени признанијата на спортистите во сите категории, кои постигнаа спортски резултати и успеси на државни и меѓународни натпревари.

– Минатата година имаше многу успеси, но и падови, со многу пот на душекот успеавме да постигнеме добри резултати. Оваа година ветувам пред сите вас дека ќе има уште поголеми успеси, бидејќи не очекуваат Олимписките игри во Париз во текот на 2024 година. Општина Штип и Република Македонија заслужуваат да имаат Олимпиец, а јас ќе се погрижам за тоа, рече Митров.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека лани општината инвестираше во нови и реконструкција на спортските игралишта низ општината, а општината успеа и Штип за оваа година да биде прогласен и за ,,Европски град на спортот”. Јорданов вечерва пред спортистите и раководствата на спортските клубови најави дека годинава ќе се реализира изградбата на Спортскиот рекреативен центар (СРЦ) „Џексон”, како и изградба на спортски сали во населбите Три Чешми и Караорман. Од буџетот на Општина Штип ќе се издвои финансиска поддршка за спортистите и клубовите од 18 милиони денари, а првпат ќе има и стипендии за спортистите.

Дејан Здравков, претседател на Комисијата за избор на спортист, истакна дека членовите оваа Комисија имаат разгледано повеќе од 150 апликации кои пристигнаа за спортисти од околу 15 клуба, а кои имаат постигнато значителни спортски успеси во текот на претходната година. Годинава се воведе и категоријата ветерани, а од минатата година продолжува доделувањето награда и за најдобра жена-спортистка.

– Комисијата за избор на спортист работеше изминативе две недели. Од пријавени преку 150 спортисти од над 15 спортски клубови, направи селекција на најдоброто за 2023 година, а вечерва се доделија признанијата и наградите за спортски работници, додава Здравков.

Право на учество за спортист на годината имаа сите спортисти кои имаат постигнато значителни резултати минтатата година. За рангирањето на спортистот предвид се зема најдобриот резултат, а резултатите мора да бидат заверени од соодветните федерации и да бидат веродостојни и потрепени со докази. Признанија добија и спортските новинари Кирил Манев и Александар Ванев од регионалната Телевизија М- Нет.

30.01.2024 - 23:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега