Општина Струмица за кружниот тек кој стана хит: Бараме трпение проектот да биде завршен

Новиот кружен тек во Струмица стана вистински хит на социјалните мрежи.

Фејсбук корисник Кирил Мучев објави снимка од кружниот тек снимен од птичја перспектива, на која се гледа дека воопшто не е добро центриран, па автомобилите се приморани да минуваат низ пешаки премин.

По бурата реакции на социјалните мрежи, се огласија и од Општина Струмица.

„Заради големиот број на реакции од страна на јавноста, а како транспарентна и отчетна Општина го даваме следното објаснување за потребата за изградба на крстосница со такво сообраќајно решение.

Прво, станува збор за проект кој не е завршен и е во тек на реализација и ова не е неговиот конечен изглед.
Второ, станува збор за асиметричен кружен тек направен врз основа на проект изработен и одобрен од сите стручни лица и сите надлежни институции, меѓу кои СВР Струмица и Советот на општина Струмица.
Трето, потребата таквиот кружен тек да има асиметрична поставеност е воведување на посебни ленти за десно свртување од булеварот „Ленинова“ кон улицата „24-ти Октомври“ и од улицата „24-ти Октомври“ кон излезот на Струмица, а чија потреба за воведување е резултат на претходно направени броења со користење на софтвер за броење на проток на возила кои сообраќаат во најголем број од централното градско подрачје во правец кон улицата „24ти Октомври“ и од неа кон излезот на градот.
Ја замолуваме јавноста за трпение проектот да биде целосно завршен, по што ќе има време да се види неговата функционалност и намена.
Реализацијата на проектот беше на барање на сите граѓани заради појавата на голем број на сообраќајни незгоди и загушувања кои постојат на оваа крстосница, со што и во прв план ја имавме практичноста и функционалност, а не неговата симетрија и изглед“, стои во нивната објава на Фејсбук.

19.07.2021 - 22:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега