Ослободена најпознатата иранска актерка, беше приведена поради поддршка на протестите

Најпознатата иранска актерка Таранех Алидости е ослободена од затвор, каде што беше приведена поради солидарност со мажот кој беше погубен по учеството на антивладините протести во Иран.

Иранската полуофицијална новинска агенција ИСНА денеска објави дека Алидости, 38-годишната ѕвезда на иранскиот филм „Продавач“, награден со Оскар на Асгар Фархади, е ослободена од затвор со кауција.

Нејзината мајка Надере Хакимелахи претходно напиша на Инстаграм дека актерката ќе биде ослободена од притвор, пренесе АП.

Алидости им се придружи на неколку ирански познати личности во поддршката на протестите и критикувајќи ги властите за нивното насилно задушување на демонстрациите. Таа објави најмалку три пораки за поддршка на протестите на Инстаграм пред нејзиниот профил да биде оневозможен.

Во една порака таа изрази поддршка за човекот кој беше погубен под обвинение за учество во протести.

Мохсен Шекари беше егзекутиран на 9 декември, откако иранскиот суд го обвини за блокирање улица во Техеран и напад на безбедносните сили со мачета, а една недела подоцна Иран егзекутира уште еден затвореник, со јавно бесење под обвинение дека избодел двајца припадници на паравоената милиција Басиџ.

04.01.2023 - 21:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега