Османи: Не очекувам дека може да усвоиме преговарачка рамка

Не очекувам дека може да се случи да усвоиме преговарачка рамка, а да нема конкретен термин за одржување на меѓувладина конференција. Преговарачката рамка е документ на Советот на ЕУ, меѓутоа тој документ мораме да го прифатиме ние. Така што мислам дека нашиот став ќе биде јасен дека повеќе нема да прифатиме какви било чекори што ќе значат неизвесност за продолжување на процесот понатаму, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи во одговор на прашањето дали барањето на Бугарија да се усвои преговарачката рамка, а да не се даде датум би било преседан во однос на земјава и какви се реакциите од другите земји членки на ваквото барање од Бугарија.

– Во однос на преседанот кон нас се случија многу преседани. Чекањето 16 години со кандидатски статус беше преседан. Носење на одлука за започнување на преговори, а не одржување на прва меѓувладина конференција беше исто така преседан. Така што, прашањето на преседаните веќе сме го виделе во однос со овој процес, истакна Османи, повторувајќи оти не очекува дека може да усвоиме преговарачка рамка, без конкретен термин за меѓувладина конференција.

Северна Македонија, рече Османи, имаше беспрекорен извештај на ЕК по однос на исполнување на критериумите, одржа политичка стабилност во државата, а тоа е важно, како што рече тој, затоа што доколку не би одржале политичка стабилност тоа би било аргумент плус за државата да не ги почне преговорите.  

– Одговоривме на пакетот 5+1 што беше испратен од страна на Бугарија како предуслов за нивна поддршка за преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција. Северна Македонија ги прати тие одговори, ги предадов лично на министерот Стоев уште за време на самитот на НАТО во Рига и мислам дека со тоа ние го комплетиравме нашето досие и навистина не треба да се впери прст кон нас поради која било причина за незапочнување на преговори, истакна Османи, додавајќи оти  разговорите продолжуваат понатаму.

Одговоривме, продолжи Османи, по однос на сите прашања и по однос на проблемот на краткото и долгото име, начинот како може да се реши тоа прашање.

– Одговоривме на прашањето на немешање во внатрешните прашања во соседните држави. Одговоривме кон барање за механизми за спречување на говорот на омраза во двете држави, рехабилитација на жртви на комунизмот, на барањето за внесување на Бугарите во Уставот и за работата на историската и образовната комисија. Сметам дека ова е доволно за да може да се затвори ова прашање, меѓутоа чекаме одговор од страна на Бугарија по однос на тие ставови и кои се надевам ќе продолжат преку средба на високо ниво во наредниот период, рече тој.  

20.12.2021 - 11:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега