Oткажана средба за пописот на Груби со секретарите на партиите на Албанците

 Демократската унија за интеграција изутринава најави средба на секретарот на ДУИ Артан Груби со секретарите на политичките партии на Албанците во земјава во врска со претстојниот попис. Но, само еден час подоцна од ДУИ информираа дека средбата се откажува поради, како што соопштија, непотврдување на присуството од страна на опозициските политички партии – Алијанса за Албанците и Aлтернатива.

Средбата требаше да се одржи денеска во Клубот на пратеници, со почеток во 11 часот. За денеска во 13 часот на исто место е закажана средба на премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Ве известуваме дека денеска со почеток во 11:00 часот, ќе остварат средба секретарите на албанските политички партии во Република Северна Македонија. Секретарите на ДУИ, БЕСА, ДПА, Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе бидат присутни на оваа средба. Настанот ќе се одржи во Клубот на пратеници во Скопје, соопшти првично ДУИ.

Потоа, од партијата испратија ново соопштение во кое се вели дека поради непотврдување на присуството од страна на опозициските политички партии – Алијанса за Албанците и Aлтернатива на средбата за координација околу пописот денешната средба на секретарите на албанските политички партии во Република Северна Македонија е откажана.

-Ја информираме јавноста дека нашата врата за соработка останува отворена и секогаш подготвени да седнеме на маса за доброто на нашите граѓани, се вели во второто соопштение од Демократската унија за интеграција. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

29.03.2021 - 11:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега