Отворен истражен центар во рамки на Основното јавно обвинителство Битола

 

 Основното јавно обвинителство денеска во Битола го отвори петтиот по ред Истражен центар во државата, со кој се очекува значително зајакнување на истражните капацитети на ОЈО Битола. Досега вакви центри се отворени во Обвинителствата во Скопје, Тетово и Куманово, како и во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупација (ОЈОГОКК). 

Како што соопштуваат од Основното јавно обвинителство, на отворањето бил присутен и републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој посочил дека новоформираниот истражен центар треба дополнително да ги зајакне капацитетите за истражување на тешки и сложени предмети во областа на економскиот и финансискиот криминал, но и во делот на сомнителни јавни набавки.

– Во последниот период ОЈО Битола работеше на повеќе тешки и сложени предмети особено од областа на економскиот и финансискиот криминал, како и сомнителни јавни набавки. Новоформираниот истражен центар треба дополнително да ги зајакне капацитетите за истражување најмногу на овие, но и на други кривични дела, нагласил Коцевски.

Републичкиот јавен обвинител во неговото обраќање се осврнал на досегашните резултати на истражните центри, истакнувајќи дека благодарение на донациите од Амбасадата на САД и Европската унија истражниот центар на ОЈОГОКК има една од најсовремените лаборатории за дигитална форензика во регионот со опремен центар за аналитика. Во него, нагласил, ангажирани се над 20 истражители.

– Во истражниот центар во Основното јавно обвинителство Скопје во моментов има 9 истражители и уште 5 кои се повлечени од Министерството за внатрешни работи со наредба за работа на посебно тешки и сложени предмети. Во ова, најголемо обвинителство по обемот на работа, активностите на истражниот центар континуирано растат и практично се удвојуваат на годишно ниво, нагласил Коцевски.

Во истражниот центар на ОЈО Битола, пак, за почеток биле ангажирани двајца истражители, но, како што е наведено во соопштението, не е исклучена можноста нивниот број да се зголемува. 

Шефицата на ОЈО Битола, Оливера Нечаковска, во своето обраќање истакнала дека Обвинителството работи на обезбедување на целосна функционалност на истражниот центар, преку поврзување со базите на податоци со кои располага МВР, како и преку електронско поврзување со базите на податоци на АКН, Централниот регистар и Централниот депозитар за хартии од вредност.

– Со сите овие институции сме во завршна фаза на склучување договори за соработка и обезбедување на непречен пристап за нашите истражители до нивните бази на податоци што во голема мера ќе ни ја олесни работата и ефикасноста во постапувањето, истакнала Нечаковска.

31.07.2025 - 20:09

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега