Отворени над 1100 нови работни места во ТИРЗ од почетокот на 2022 година

ТИРЗ соопшти дека продолжил растот на вработени и извоз во технолошко индустриските развојни зони и во јули.

„Само за еден месец во компаниите во зоните се отворени речиси 100 нови работни места, со што заклучно со јули, од почетокот на годинава во компаниите во ТИРЗ се реализирани над 1100 нови вработувања. Со ова вкупниот број на вработени во јули порасна и достигна 15.085, што е за 6% повеќе споредено со јули минатата година, односно за 14,5% повеќе во однос на јули 2020 година. Според анализата, ваквиот тренд се очекува да продолжи, со оглед дека ова е резултат на инвестициите постигнати изминатата година со кои се предвидува отворање на над 2700 работни места во следниве години“, покажува анализата на ТИРЗ.

Позитивниот тренд на раст од почетокот на годинава продолжува и во однос на извозот и увозот. Во првите седум месеци од 2022 извозот од ТИРЗ достигна речиси 2 милијарди евра, што е највисок во последниве четири години. Извозот во периодот од јануари до јули е за 13% повисок во однос на истиот период во 2021 односно 77% повисок во однос на 2020 и 23% и 47% повисок споредено со 2019 односно 2018 година. Само во јули компаниите во ТИРЗ имаат извоз од 280 милиони евра што е за 25% повеќе од јули минатата година.

„Регистрирано е и највисоко ниво на увоз од 1,83 милијарди евра, во првите седум месеци од годинава споредено со истиот период во изминативе четири години. Ова е за 4% повеќе во однос на увозот од јануари до јули во 2021, односно за  83%  споредено со 2020, и за 21% и 64% повеќе споредено со 2019, односно 2018 година. Месечниот увоз во ТИРЗ во јули достигна 230 милиони евра и е на речиси исто ниво со јули 2021 година. Заклучно со јули и нето извозот е 9%.

И покрај глобалните политичко економски случувања се очекува ваквиот тренд да продолжи до крајот на годинава со што според проценките извозот може да го надмине минатогодишното рекордно ниво од 3 милијарди евра извоз годишно“, се вели во соопштението.

08.08.2022 - 09:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа