Ова досега не се случило: За првпат во историјата на општинскиот Совет, ќе раководи жена

Новиот состав на Советот на општина Ѓорче Петров денеска ја одржа првата, конститутивна седница на која за претседател беше изгласана Ленче Нелоска, првата жена во историјата на општинскиот Совет која ќе го води ова тело.

Освен верификација на мандатите на членовите на Советот на дневен ред на денешната седница беше и изборот на Комисија за мандатни прашања, избор и именувања.

Градоначалникот Александар Стојкоски им честиташе на новоизбраните советници и им посака успешна работа. Стојкоски истакна дека заедно се исправаат пред огромен предизвик – Ѓорче Петров да биде убаво место за живеење, зелено, урбано и чисто.

-Чест ми е што заедно со вас ќе имам можност да впишам историја во револуционерните позитивни урбанистички чекори кои ќе ги забележи оваа општина. Приоритет ќе биде заедно да делуваме во насока на чисто Ѓорче, улиците со кал конечно да заминат во историјата, парковите да го надвладеат бетонот, децата да добијат образование по сите стандарди, а најмалите повеќе место за рекреација. Наш императив мора да бидат граѓаните – рече Стојкоски.

Ќе стојам цврсто, како што додаде, позади секој од вас. Стојкоски нагласи дека советниците целосно ја имаат неговата доверба и пружена рака за соработка и затоа очекува силно залагање за подобра општина од секој од нив.

По формалниот дел и завршување на седницата, 23-цата советници заедно со Стојкоски на симболичен начин, со засадување дрвца, го означија старот на новите 4 години мандат. Нови зелени површини е еден од приоритетите во програмата на новиот градоначалник на Ѓорче Петров.

Локацијата каде се садеше е бул.„Македонска војска“ каде во моментов дополнително се зазеленува нова површината и се гради нова урбана зона. Со тоа, овој комплекс ќе добие целосно нов модерен изглед.

04.11.2021 - 14:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега