Панова: Власта избегнува предвремени парламентарни избори

„Ние од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата никако нема да дозволиме да поминат закони кои што имаат фалинки и кои што имаат недостатоци се со цел одредена корист на одредени поединци или одредена корист на политичките партии кои што се на власт“, истакна Ели Панова, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „Објектив“.

Панова додаде дека од моментот кога опозицијата прогласи дека ќе има активна блокада, јасно ги кажа своите принципи и што е тоа кон што се стреми.

„Мора да се каже ретроспектива на сите настани, за да може да се разбере суштината. Видете, најпрвин од страната на претседателот на партијата ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски беше понудена рака, и беше понудено да се седне на една маса и да се направи еден дијалог и да се поразговара за многу работи меѓудругото и за предвремени парламентарни избори. Во оваа понуда ние понудивме и тимови кои што би се справиле односно би помогнале на Владата која што видовме дека е неспособна, да се справи со цела оваа криза, со сите овие четири кризни состојби во сето ова што во моментов го гледаат и го чувствуваат граѓаните на Република Македонија“, појасни Панова.

Панова посочи дека подадената рака на ВМРО-ДПМНЕ ја одби власта.

„Единственото нешто што власта треба да го каже е дека избегнува предвремени парламентарни избори, заради тоа што е свесна дека ќе изгуби. Други причини нема. Поднесувавме и кривична пријава против Талат Џафери за однесувањето и за внесувањето, непотребно на пратеници, во најголемата пандемија во Собранието во скафандери, во момент кога важеа сите апсолутни мерки за рестрикции во цела држава. Граѓаните не можеа до дуќан да отидат да си купат леб и потребни намирници, а пратеници позитивни на корона вирус дојдоа во Собранието. Поднесувавме кривични пријави и видовме дека сето тоа не важи на некој кој што е втор човек во државата. Колку сте повисоко на власт, толку повеќе законите за вас не важат, тоа го видовме впрочем и во Собранието“, појасни Панова.

Во однос на интерпелацијата која ВМРО-ДПМНЕ ја покрена против собранискиот спикер, Талат Џафери поради неговото недолично однесување кон собраниските служби и заклучувањето на пратениците во македонското Собрание, Панова вели дека истата ќе биде успешна затоа што верува дека и во владиното мнозинство има пратеници кои се почувствуваа понижени.

 

„Јас верувам дека и во власта има пратеници кои што се осетија понижено од сите овие случувања во собранието, од викањето, пцуењето на претседателот на Собранието, лошото однесување кон неговите соработници. Ние пратениците да бидеме понижени, да бидеме заклучени во салата, навистина верувам дека е едно чувство кое што не може да се опише, меѓутоа сами тие го знаат. Многу жалам за тоа што тие немаат храброст јавно да го кажат тоа и затоа се затскриваат со поддршката на претседателот на собранието. Тестот е интерпелацијата“, рече Панова.

02.06.2022 - 21:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега