Панова: ВМРО – ДПМНЕ предлага бесплатно КОВИД тестирање за сите граѓани

ВМРО-ДПМНЕ предлага бесплатно тестирање за Ковид-19 за сите граѓани. Пратеничката од редовите на најголемата опозоциска партија, Ели Панова денеска на прес-конференција пред Собранието истакна дека и покрај енормните задолжувања, буџетот на Министерството за здравство за следната година ќе биде помал за 4,68 отсто во однос на оваа година.

-Од она што го предлагаат премиерот во заминување Заев и министерот Филипче гледаме дека здравството ќе тоне и догодина, a луѓе и понатаму ќе умираат! Од анализата на буџетот за здравство гледаме дека: Нема доволно пари за реконструкција на Јавните здравствени установи, Нема доволно пари за медицинска опрема за потребите на Јавните здравствени установи, Нема доволно пари за нов клинички центар, Нема доволно пари за амбуланти во руралните пордачја, Нема доволно пари за потребите на Агенцијата за лекови, Нема доволно пари за вработување и едукација на лекари и медицински персонал, Нема доволно пари за здравствено осигурување и здравствена заштита на граѓаните на Р.Македонија, рече Панова.

Според неа, во буџетот има пари за партиски вработувања, за непродуктивни трошоци како на пример за мебел по институциите, но не и за здравството.

-Се чини дека Владата и во оваа криза ги гледа граѓаните единствено како единствени матични броеви, а не како живи луѓе! Како пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ предложивме амандмани за КОВИД кризата и затоа бараме: Од нашиот данок, ќе повторам, ОД НАШИОТ ДАНОК, прифатете ги нашите амандмани, затоа што само живи луѓе можат да ја раздвижат економијата и нашиот фокус е да се спасат што е можно повеќе животи. За доброто на сите тргнете ја суетата, внимателно разгледајте ги и прифатете ги амандманите како што се на пример: амандманот за бесплатни КОВИД тестови за сите граѓани, и амандманот за 50 нови амбулантни возила, рече Панова.

Вели дека живееме во држава која е во првите 5 земји во Европа во заразени по глава на жител, а по смртност и многу пошироко.

-Со масовно тестирање ќе се помогне во намалување на бројката на новозаразени. Тоа значи дека ќе се спасат животи и ќе се намали смртноста. Веќе неколку европски земји го спроведоа тоа и се покажа како ефикасна метода. Воедно тоа многу ќе помогне и финансиски на граѓаните. Во состојба кога 55.000 граѓани останаа без работа, кога пола милион живеат со по 2 евра на ден, ова е значајна помош. Едно или две донирани комбиња не вршат работа, ова беше само крпење, затоа сметаме дека буџетски мора да се реагира и итно мора да се набават нови амбулантни возила, за сите градови. Животот и здравјето на граѓаните не се политичка реторика, туку наша должност, рече Панова.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

01.12.2020 - 11:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега