Партиите на Турците, Власите и пензионерите со поддршка за СДСМ: Владината коалиција е стабилна

Владејачката СДСМ во текот на денот добива поддршка од коалициските партии. Преку соопштение до јавноста пораки дека владината коалиција е стабилна доаѓаат и од Демократскатата партија на Турците, Демократскиот сојуз на Власите и Партијата на пензионери.

-Шпекулациите околу стабилноста на владиното мнозинство, ние како партија која успеа да ги постигне поставените цели на локалните избори, ги толкуваме како манипулација на јавното мислење од страна на неколку портали пред вториот круг. Како сериозна партија со 30 годишно искуство ДПТМ за политичкото делување одлуките ги носи на партиските органи по сопствено убедување на нашето членство а во интерес на граѓаните кои ги застапува. Затоа ни еден субјект во оваа држава нема право и нема да дозволиме да шпекулира во и со наше име. Како партија ние сме дел од владеачкото мнозинство кое успеа да ги реши историските пречки на патот кон НАТО и ЕУ на нашата земја. Исто така се залага за квалитетен и еднаков живот на сите кои живеат во оваа земја која е милтиетничка и мултикултурна држава. Како Демократската Партија на Турците потврдуваме дека Владината коалиција е стабилна и работи исклучиво во интерес на граѓаните. Напредокот на земјата е нашата највисока заедничка цел. Северна Македонија продолжува напред со стабилна Влада по демократскиот и европскиот пат, велат од Демократската партија на Турците.

Од Демократскиот сојуз на Власите велат дека остануваат во коалицијата зашто препознаваат вредности со кои Македонија продолжува напред кон демократскиот и европскиот пат.

-По последните шпекулации околу стабилноста на Владината коалиција кои се само обиди за замајување на јавноста, Ве известуваме дека нашата коалиција е стабилна, Владиното мнозинство е стабилно и работи исклучиво во интерес на граѓаните. За само неколку години оваа коалиција ја врати државата на прав пат, решавајќи ги децениските прашања. Впрочем народот не заборава како е да се живее во затворена земја и режим, а како во демократија со европска иднина. Оваа Владина коалиција и покрај сите предизвици како однадвор така и од внатре, останува цврста, обедината и сплотена во намерите да работи за напредокот на земјата и тоа и понатаму останува наша највисока цел, велат од ДСВ.

Пензионерите остануваат на зацртаните програмски определби. Оттаму ги повикаа пензионерите да гласаат за кандидатите за градоначалници на коалицијата „Најдоброто за вашата општина.

-Во име на постигнатите како започнатите и незавршените реформи, зацртаните реформски приоритети, интеграцијата и европеизација на земјата објавуваме дека Учеството на Партијата на пензионери во Владиното мнозинство не се доведува во прашање, истото е стабилно и продолжуваме понатака напред со работа во стабилна коалиција по зацртаниот демократски и европски пат и дека нема да има никакво отстапување и доведување во прашање на постигнатиот договор со сите учесници во коалицијата. Партијата на пензионери работи исклучиво во интерес на граѓаните и пензионерите и нашата работа во целост се совпаѓа со насоката на остварување на највисоката цел на коалицијата – напредокот на земјата на сите полиња, подобрувањето на животниот стандард, просперитетот на помладите генерации и европската интеграција, велат од Партијата на пензионери.

20.10.2021 - 11:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега