Партиите неуморни: Познати се локациите за денешните митинзи и партиски активности

И денеска продолжуваат интензивните активности на партиските и на независните кандидати за градоначалници и советници. Најавени се повеќе митинзи и средби на кои граѓаните во 80-те општини и Градот Скопје ќе можат да ги слушнат понудите на партиските и независните кандидати.

Централниот караван на СДСМ и Коалицијата ќе биде меѓу граѓаните на Петровец и Илинден, а на централниот настан ќе биде во Аеродром. Вториот караван на СДСМ и Коалицијата ќе биде во Гази Баба. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ќе ја претстави изборната кампања „Создади нова иднина!“ во Бутел, Чаир и Центар. ДУИ изборната кампања ја продолжува во Општина Теарце. Во Кавадарци и Велес изборни активности ќе има Движењето „Одлучно за промени“ предводено од Зелената партија ДОМ и ЛДП, а Движењето БЕСА ќе има изборни активности во Студеничани.

Во текот на вчерашниот ден лидерот на СДСМ Зоран Заев од Кавадарци порача дека на 17 октомври ќе победат со најдоброто, а тоа за оваа општина е кандидатот за градоначалник Горан Тодоров и советничката листа на СДСМ.

Тој се осврна на позитивните работи во изминатиов период и најави дека така ќе се продолжи и во наредниот период. Говореше за зголемување на платите и пензиите, за инвестициите во патната и комуналната инфраструктура и потсети на проектите реализирани во овој регион, со пари од централниот буџет. Проговори и за поддршката  во лозарството и винарството, малите бизниси, за реализираните и новите проекти во сите сфери од животот.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од митингот во Струмица порача дека ова можеби се само локални избори, но, како што истакна, ако се погледне подлабоко тие се многу повеќе од тоа. Од овие локални избори, нагласи, зависат многу работи, сите поврзани со иднината на нашата Македонија.

-Изборот е едноставен, на овие избори или ќе продолжи корупцијата, криминалот, хаосот, немањето правда, стагнација на државата, експерименти во образованието, пропаѓање и нехуман однос кон земјоделието, или ќе создадеме сите заедно една нова поинаква, различна, подобра иднина, истакна Мицкоски.

Прашањето на кое сите ние треба да одговориме на овие избори, рече Мицковски, е дали сме подготвени да им подариме уште нови четири години на истите луѓе кои, како што нагласи, веќе два пати до сега ги изневериле очекувањата и давале лажни ветувања.

 

05.10.2021 - 09:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега