Пелоси го напушти Тајван и замина во Јужна Кореја

 

Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, денеска го напушти Тајван и замина во посета на Јужна Кореја.

За време на кратката, ненајавена посета, која наиде на остри осуди од Кина, Пелоси вети солидарност и ја пофали демократијата во Тајван, пренесува „Ројтерс“.

Според РИА Новости, таа денеска се сретна и со мала група активисти кои побегнаа од Хонгконг и од копното на Кина, чиј домаќин беше Американскиот институт во Тајван, кој во суштина ги претставува САД на островот.

За време на посетата на Пелоси, повеќе од 100 полицајци го чуваа меморијалниот парк, додека десетици поддржувачи на обединувањето на Кина и Тајван протестираа со плакати и транспаренти против посетата на американската функционерка, велејќи дека тоа ги поткопува мирот и стабилноста на островот.

Ова беше прва посета на американската претседателка на Претставничкиот дом на Тајван од 1997 година.

Пред Тајван, Пелоси престојуваше во Сингапур, а нејзина следна станица е Сеул.

03.08.2022 - 17:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега