Пендаровски со својот правен тим ќе ги разгледува измените на законите за коридорите 8 и 10д пред да ги потпише указите

Претседателот на државата Стево Пендаровски со својот правен тим ќе ги разгледа измените на законите поврзани со коридорите 8 и 10д донесени вчера од Собранието, посочуваат од МИА од Кабинетот на претседателот наведувајќи дека бидејќи станува збор за повеќе закони за тоа ќе бидат потребни неколку дена. Дури потоа претседателот Пендаровски ќе излезе со став и ќе каже дали и кои укази ќе бидат потпишани.

-Вчера попладне во Кабинетот на претседателот се пристигнати законите. Во следните денови ќе бидат разгледани од претседателот и ќе биде донесена одлука дали и кои укази ќе бидат потпишани. Бидејќи се повеќе закони ќе треба неколку дена претседателот да ги разгледа со својот правен тим, истакнуваат за МИА од Кабинетот на претседателот.

Собранието вчера на продолжението на 115. седница ги донесе измените и дополнувањата на петте закони поврзани со реализација на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д.
 

Со 60 гласа „за“ и 43 „против“ беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со 62 гласа „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, со 63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, со 62 „за“ и 44 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, а со 63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Македонија, сите по скратена постапка.

27.05.2023 - 15:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа