Пендаровски: Станавме позитивен пример на Балканот преку интензивен дипломатски ангажман со кој успеавме да решиме децениски прашања

Претседателот, Стево Пендаровски, денеска во Брисел оствари билатерална средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, соопштија од претседателскиот кабинет.

Претседателот Пендаровски  се заблагодари на огромната и безрезервна поддршка на претседателот на Европскиот совет и неговите лични заложби и напори за добивање на датум за почеток на преговорите за Македонија.

Двајцата соговорници се согласија дека во изминатите две години, државата донесе тешки и храбри одлуки за многу чувствителни прашања и покажа како можат да се решат отворените прашања во регионот во духот на добрососедството.

Претседателот Пендаровски истакна дека  Македонија презеде одлучни чекори и во исполнување на реформската агенда со што ја покажа својата посветеност на евроатлантските процеси.

На прес конференцијата во својата изјава, претседателот на Европскиот совет Туск рече дека договорите што ги постигна Северна Македонија со Бугарија и со Грција се историски и можат да бидат пример во регионот. Туск посочи дека државата направила се што треба и се што се очекувало од неа, и, местото на Република Северна Македонија е во Европската унија.

Претседателот Пендаровски  изјави дека во јуни Европската Унија има историска можност да покаже лидерство и визија за иднината на нашиот регион со тоа што ќе и додели датум за преговори на Северна Македонија. Граѓаните на Северна Македонија не бараат незаслужена награда, туку заслужена шанса за изградба на  европска држава со праведно, хумано и напредно општество.

„Мојата прва меѓународна посета како Претседател на Република Северна Македонија се разбира дека има голема симболика и не е случајно одбран токму Брисел. Најмногу затоа што Европската Унија и НАТО е изборот кој го направија огромното мнозинство наши граѓани“ рече Пендаровски и се заглагодари за силната поддршка и посветеност на претседателот на Европскиот совет г. Доналд Туск и неговите лични заложби и напори за добивање на датум за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во Европската унија.

Пендаровски рече декасе заблагодарува во името на сите граѓани на Северна Македонија 

„Пред само две недели го добивме најдобриот, најпозитивниот Извештај од Европската комисија за напредокот на нашата земја. Не само што добивме чиста и безусловна препорака за отпочнување на пристапните преговори, туку бевме посочени и како светол пример на Западниот Балкан.

Станавме позитивен пример на Балканот преку интензивен дипломатски ангажман со кој успеавме да решиме децениски прашања. Донесовме храбри и тешки одлуки за многу чувствителни прашања за моите сограѓани, одлуки со цел да ја отстраниме најголемата пречка во процесот на нашето зачленување и во Европската унија и во НАТО Алијансата.

Потпишувајќи ги Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Преспанската спогодба со Грција се ослободивме од товарот од минатото. Северна Македонија е единствена држава во регионот што веќе нема отворени прашања со своите соседи. Северна Македонија редовно испорачува добри вести во регионот во изминативе две години.

Покрај решавањето на прашањата со соседите, спроведуваме суштински и темелни реформи во многу клучни области. Ја усогласуваме нашата внатрешна и надворешна и безбедносна политика со политиката на Европската унија.

Свесни сме дека се потребни уште реформи и се согласувам дека имаме слабости и дека ни претстои уште многу работа. Но, морам да истакнам една балканска политичка реалност – ние сме најефикасни тогаш кога имаме пред нас конкретни задачи. А, преговорите за членство се најдобрата реформска алатка.

На крајот сакам да ве потсетам на 2016-та и улогата на мојата држава во справувањето со мигрантската и бегалската криза. Тогаш застанавме на браникот на безбедноста на Европа и заедно со успешната мисија на Фронтекс, покажавме дека сме цврсти европски партнери.

Овој јуни Европската Унија има историска можност да покаже лидерство и визија за иднината на целиот наш регион со тоа што ќе и додели датум за преговори на Северна Македонија. Нашите граѓани не бараат незаслужена награда, туку заслужена шанса за да изградиме европска држава со праведно, хумано и напредно општество“ рече Пендаровски

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.06.2019 - 12:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега