Петровска: Ако НАТО побара нашата војска ќе се вклучи во евентуален руско-украински судир

Можно е македонската Армија да се вклучи во евентуалниот воен конфликт помеѓу Русија и Украина, но само доколку НАТО го побара тоа од нас, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска во вечерашното интервју за Телма.

Таа вели дека таквиот потег би бил можен само со согласност од врховниот командант, односно со согласност на претседателот Стево Пендаровски.

– Ангажманот на нашата Армија, како и на армиите на сите други земји членки на НАТО, се дефинира на конференциите за генерирање на сили кои конкретно за оваа тема се одржуваат под координација на Врховната команда на сојузничките сили на НАТО во Минск. На овие конференции секоја земја членка става на располагање сили, единици или опрема согласно сопствените можности. Во овој момент, нашата армија како дел од тие структури има обврска и веќе изготвува анализи за можностите за потенцијално наше учество, односно ангажман. Одлуката за евентуално учество е пропишана во која процедура се носи, тука е потребна одлука на Владата. Таквата одлука сè уште не е донесена – истакна Петровска.

Министерката го повтори вчера изнесениот став дека Македонија го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

– Од она што и ние по нашите канали на комуникација во рамки на НАТО структурите го добиваме и од она што се информира јавноста, е дека во тек се дипломатски преговори за мирно решавање на овој спор. И апсолутно како држава таквиот тек на настаните го поддржуваме, односно се залагаме за дипломатско решавање на овој спор – потенцира Петровска.

Министерката истакна дека нашата држава до сега од Русија нема добиено никакви барања како што побара од НАТО да се повлече од Бугарија и Романија. Во однос на релациите со Федерацијата, Петровска рече дека како држава негуваме добри дипломатски и пријателски односи со сите држави.

– Имаме исклучително добри билетерални релации, но сепак како држава нашите институции се задолжени и се должни да ги штитат интересите пред се на нашата држава односно националните безбедносни интереси. Во таа насока беше и протерувањето на дипломати кои очигледно е дека по сознанијата кои нашите институции ги имале, ја преминале границата, односно обавувале дејствија кои не се во согласност со прописите и процедурите – појасни Петровска. 

24.01.2022 - 23:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега