Петти ден од предизборната кампања: Кандидатите за градоначалници со различни ветувања

Претставувајќи ги кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори, партиите продолжуваат со петтиот ден од предизборната кампања. Кандидатите и лидерите на политичките партии ги промовираат своите програми, нудејќи решенија за проблемите на граѓаните во општините.

Премиерот Зоран Заев, воедно и лидер на политичката партија СДСМ, вчеравечер се обрати пред граѓаните од Гевгелија. Испрати порака дека во изминатите години се реализирале работи коишто не биле возможни да се реализираат со децении. Тој претходно присуствуваше во Валандово, Дојран и Богданци каде ги презентираше кандидатите за градоначалници од тие општини.

– Од независноста до денес, не постои политичка понуда, опција, партија или идеја, којашто добила повеќе гласови на кој било изборен циклус. На 30 септември, денес, по три години, Република Северна Македонија, целиот наш народ, сите граѓани, секој од нас, имаме голем заеднички успех. После 20 години имаме и успешен попис, истакна Заев во обраќањето.

СДСМ, како што рече, инвестира во сегашноста и создава иднина.

Лидерот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ од централниот митинг во Кочани порача дека на овие избори не само што ќе се избира нов градоначалник и нови советници, туку граѓаните ќе одлучат по каква патека ќе се движи државата. Како дел од вчерашната агенда, Мицкоски беше во посета на жителите од Чешиново-Облешево, Виница и Зрновци.

– Кога зборуваме за патриотизмот, сакам да зборувам за заеднички успеси, да ги вратиме добрите луѓе коишто се иселија од нашата Македонија дома, за тоа што дома каменот тежи. Заеднички патриотизам е да бидеме без предрасуди, да го победиме криминалот, корупцијата и неправдите. Заеднички патриотизам е народот да има повеќе пари во џебот, да има повеќе можности за развој, да донесеме инвестиции, да отвориме повеќе работни места. Потребна е нова иднина, потребни се промени, нагласи Мицкоски.

01.10.2021 - 08:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега