По пауза од две години во септември повторно изградба на пругата кон Бугарија

Новите изведувачи на работите на пругата кон Бугарија ќе добијат пристап до градилиштата месецов, а во тек на следниот се очекува и да стартуваат со конкретна работа, откако во меѓувреме ќе ги завршат административните процедури, со регистрација на подружници и обезбедување на потребните сертификати и  одобренија.

„Штрабак“ треба да ја заврши работата за реконструкција и доизградба на првата делница, Куманово- Бељаковце, каде од јуни 2020 година нема работа на терен, а „Ѓулермак“ целосно да ја изгради втората Бељаковце-Крива Паланка. Нивен ќе биде раководниот и инженерскиот кадар, а наш оперативниот и градежната механизација.

Хари Локвенец, директор на ЈП ЖРСМ Инфраструктура, државното претпријатие инвеститор, ветува максимална транспарентност на прогресот на работите, со оглед на „минатото“ на повеќедеценискиот проект, со повеќекратни застои, на кој работеа и ветуваа дека ќе го завршат сите влади.

– Водејќи сметка дека „Штрабаг“ е веќе етаблирана фирма во државата и ги има сите потребни услови за активирање на работата нивниот вовед во работа ќе биде многу побрз во споредба со воведот со работа на турската компанија. Пристап до градилиште ќе биде направен во текот на месецов за компаниите изведувачи, а почетокот на градба во координација со нив. Водејќи сметка дека е огромна работата за втората делница од пругата, очекувањата се дека тоа на оваа делница би се случило на крајот на септември, изјави Локвенец за МИА.

На стартот на работите, како што појасни тој, претходи отворање подружница во државава, добивање сертификати од Комората на овластени архитекти и инженери, која ги сертифицира звањата на инженерите и дава одобренија, како и одобрение од Министерството за транспорт и врски врз база на одобренијата кои ги добиле инженерите како составен дел на екипата за реализација на проектот.

– Како инвеститор имаме обврска следниот период да им дадеме пристап до градилиштето и да го обезбедиме денот за старт на работите. Датумот за почеток на работите, според правилата на ЕБРД, е од осум до 90 дена по потпишување на договорот, а овие рокови, ќе бидат испочитувани сигурно, но се обидуваме да ги сведеме на минимум и час поскоро да се почне со работа, посочи Локвенец.

Рокот на реализација на првата фаза од пругата Куманово- Бељаковце е 24 месеци, а има работа долж целата траса од 31 километар. Според проценките на претходниот надзорен инженер, таму се завршени 54 проценти од работите, а инвестицијата изнесува 40,5 милиони евра. За втората делница, Бељаковце-Крива Паланка, во должина од 34 километри и вредност од 155 милиони евра, рокот на градба е 36 месеци.

– Ветувањата се дека ќе го скратат рокот на изведба за шест месеци, но би биле задоволни и за завршување на работата во рокот. Тие ќе ја имаат целосната логистичка поддршка од наша страна како инвеститор за непречено одвивање на работите, рече Локвенец.

Тој е сигурен дека работите ќе бидат завршени во роковите, а тоа го аргументира со обезбедените средства и, како што тврди, фактите дека на трасата нема големи археолошки наоди што би го забавиле проектот, 100-проценти решената експропријација, како и квалитетот на избраните изведувачи.

Според Локвенец, изведувачите ќе донесат свој раководен и инженерски кадар, за оперативниот дел ќе биде ангажиран домашен кадар, а исто така и домашна градежна механзиација. Моите очекувања, вели тој, се дека се што постои од механзиација ќе биде вклучено во овие проекти со оглед на нивната големина и потребата да се завршат работите навреме.

05.08.2022 - 09:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега