Почина Гале Фиданоски, долгогодишен новинар и директор на Радио Гостивар

По кратко боледување на 86-годишна возраст, почина Гале Фиданоски, еден од основоположниците на новинарството во полошкиот регион. Тој повеќе од две децении раководеше со радиостаницата „Радио Гостивар“, единствениот локален медиум до почетокот на 90-тите години од минатиот век.

Покрај активната и ангажирана новинарска работа во Радио Гостивар, тој повеќе од 35 години беше дописник на Радио Скопје. За време на работниот век се покажа и како публицист, хроничар. Има напишано неколку книги со историско-фолклорни теми, а негови трудови објавувале повеќе други екс ју-информативни куќи, пред сé радио станици и печатени медиуми. Фиданоски важeше за човек кој со својот ангажман дал значаен придонес во поновата ера на Гостивар и гостиварско извршувајќи значајни општествено политички функции во втората половина на минатиот век. Пензионерските денови ги минуваше во Гостивар и родното Битуше.

Гале Фиданоски е роден во 1936 година во село Битуше, каде што ги поминува и своите најрани детски години. По завршување на основното образование се запишува во учителската школа „Никола Карев“ во Скопје. Со дипломата народен учител две години работи во ОУ „Иво Рибар Лола“ во Ростуше. Во 1962 дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје и набрзо е поставен за директор на ОУ „Денче Дејаноски“ во Маврови Анови. По три години работа во Маврово, во 1965 година е примен за новинар-уредник во Радио Гостивар. Таму, како новинар-уредник, односно директор и главен и одговорен уредник останува сé до пензионирањето во 2000 година.

Автор е на публикацијата „Априлскиот злостор во Ново Село“ во 1976 година, а како коавтор се појавува во повеќе монографии и публикации. Подоцна (2010) како пензионер ја објавува книгата „Копанка“. Тоа приказна за битушките гурбетчии со сведоштва на неговиот татко Трпе, кој во тетратка бележел описи за печалбарската традиција и за животот во овој период. 

17.08.2022 - 21:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа