ОН почнаа истрага за нападот во затвор во кој загинаа над 50 украински воени затвореници

 

Обединетите нации почнаа мисија за проверка на фактите за да го истражат  убиството на десетици воени заробеници во нападот врз затвор во источниот регион на Украина, кој е под руска контрола, за што Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави за новинарите дека нема овластување да покрене кривична истрага, но дека може да спроведе мисија за утврдување  факти, која ќе биде формирана на барање на Русија и Украина, пренесува „Гардијан“.

Русија тврди дека украинската војска користела ракетни фрлачи испорачани од Америка за да изврши напад врз затворот во Оленивка, кој е под контрола на сепаратистите поддржани од Русија.

Во нападот, според сепаратистичките власти и руските власти, загинале 53 украински воени заробеници, а 75 биле ранети.

Украинската војска негираше дека извршила ракетни или артилериски напади во Оленивка.

САД веруваат дека Русија се подготвува да фабрикува докази за да ја обвини Украина.

Претставник на американското разузнавање изјави за агенцијата АП дека е утврдено оти руските официјални лица можат да постават муниција од ракетните системи Химарс како доказ дека овие системи, кои САД и ги доставиле на Украина, биле користени во нападот.

Гутереш рече дека „многу сериозно“ ги разгледал барањата од Русија и Украина ОН да спроведат истрага за нападот што се случи минатиот петок и изрази надеж дека двете земји ќе ги прифатат условите за негово спроведување.

Во исто време, додаде тој, ОН ќе се залагаат да учествуваат „компетентни, независни луѓе“ во мисијата.

Шефот на ОН, исто така, изрази надеж дека завојуваните страни ќе овозможат пристап до мисијата и ќе ги обезбедат потребните информации за „да се расветли вистината за она што се случило“.

Меѓу украинските воени затвореници во затворот во Оленивка, во областа Доњецк, имало и такви кои биле заробени при падот на Мариупол.

Тие поминаа месеци забарикадирани заедно со цивили во фабриката за челик Азовстал во стратешки важниот јужен пристанишен град.

Нивниот отпор за време на немилосрдното руско бомбардирање стана симбол на украинскиот отпор против руската агресија, пренесе Денес.рс.

04.08.2022 - 11:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега