Полицијата се сомнева: Ова е можната причина за експлозијата во зградата во Гетеборг

Повеќе лица беа тешко повредени во утринската експлозија и пожарот во шведскиот град Гетеборг, а полицијата истражува дали е поставена експлозивна направа.

Најмалку 25 лица беа пренесени во болница откако експлозијата предизвика пожар во станбена зграда во центарот на градот Анадел. Пожарникарите ги извлекле луѓето од зградата, додека од скалите и прозорците излегувал сив чад.

Три жени и еден маж се здобија со сериозни повреди, изјави портпаролот на Универзитетската болница Салгренска. Шведското радио објави дека околу 25 лица се префрлени во болници, а полицијата објави дека започнала истрага.

„Веруваме дека експлодираше нешто што не е од природна причина“, рече портпаролот на полицијата Томас Фуксборг, додавајќи дека најверојатно имало поставено нешто на местото на експлозијата.

Тој наведе дека пожарот се уште не е под контрола, но дека станарите се евакуирани. Итните служби објавија дека работат на гаснење на пожарот во станбената зграда, и ја отфрлија можноста за истекување на гас.

Шведска во последниве години се бори со зголемен број криминални банди, а ривалските групи често користеа експлозив и огнено оружје за расчистување на сметките. Еден извештај оваа година покажал дека во последните две децении, Шведска од една од земјите со најниска стапка на насилство во Европа стана една од земјите со највисока стапка на насилство, пренесуваат медиумите во светот.

28.09.2021 - 13:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа