Полска ја обвинува Белорусија: Ни праќаат мигранти поради атлетичарката, тоа е живо оружје

Полска ја обвинува Белорусија дека испраќа се повеќе мигранти преку границата како одмазда за одлуката на Варшава да обезбеди засолниште за Кристина Тимановска, белоруската атлетичарка која одби да се врати дома од Олимпијадата во Токио.

Заменик -министерот за внатрешни работи Мачеј Васик денеска рече дека Минск води „хибридна војна со Европската унија преку илегалните мигранти“.

Во последните недели, соседната членка на Европската унија, Литванија, исто така, објави зголемување на бројот на илегални гранични премини на мигранти од Белорусија, тврдејќи дека Минск ги носи со авион и ги испраќа во Европската унија.

„Тоа се млади мажи и жени со деца. Белорусија ги користи како живо оружје “, рече Васик за полската телевизија wPolsce.

„Во последните денови бележиме зголемување на бројот на мигранти и веруваме дека ова е реакција на давањето азил на белоруската атлетичарка.

Бегството на Тимановска, дополнително ги зголеми тензиите меѓу Западот и Минск, во време кога ЕУ го обвинува белорускиот претседател Александар Лукашенко дека ги користи мигрантите како одмазда за европските санкции.

Тимановска тврди дека претставниците на белорускиот тим насилно се обиделе да ја испратат дома затоа што ги критикувала спортските власти. Таа одби да се качи на летот и побара заштита од јапонската полиција. 24-годишната спортистка полетала вчера за Полска.

Официјална Варшава претходно ја критикувала авторитарната власт на Лукашенко и примиле голем број белоруски активисти по протестите што избија минатата година.

Полската погранична полиција за Ројтерс изјавила дека синоќа привеле група од 71 мигрант, а вчера група од 62 лица, претежно Ирачани.

Тоа се повеќе од 122 илегални мигранти уапсени од полската гранична полиција за целата мината година. Минатиот месец биле уапсени 242 мигранти.

 

05.08.2021 - 22:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега