Повеќе од 90 патници од Италија влегле денеска изутрина на граничниот премин Табановце со два автобуси

Повеќе од 90 патници од Италија влегле денеска изутрина на граничниот премин  Табановце со два автобуси, а имало граѓани кои со комбиња се вратиле од оваа од неодамна ризична дестинација, каде има 528 заразени и 14 починати од коронавирусот, пренесува Плусинфо.

Засега никој од патниците не е сомнителен дека е заболен и сите влегле во земјата.

Министерството за здравство информира дека резултатите на пациентката кај која постоеше сомнеж за корона вирус, се негативни. Пациентката е една од двата случаи кои се тестираа на Инфективната клиника во Скопје. И двата случаи се негативни на вирусот. Во моментов, веќе хоспитализираната пациентка на Инфективната клиника во Скопје која со комбе допатува од Милано е единствениот регистриран случај заразен со вирусот COVID 19.
Инаку, како што беше најавено на синоќешната конференција за медиуми, во текот на ноќта сите 9 патници на 5-те локации, 2 во Скопје и 3 во Струмица беа посетени од страна на епидемиолозите од Центрите за јавно здравје во Скопје и Струмица.
„Сите патници кои патувале од Италија со пациентката уште синоќа се исконтактирани и се наоѓаат во изолација во домашни услови во соработка со МВР. Најголем дел од патниците немале контакт со поголема маса луѓе, туку само со семејството. На денешниот состанок на комитетот ќе ги разгледаме можностите за продолжување на домашната изолација или префрлување на овие лица во инфективните одделенија, одредени за изолација“ -  посочи министерот Филипче.
Лицата со кои тие биле во контакт се веќе лоцирани и исконтактирани. И тие се наоѓаат во домашна изолација, а епидемиолозите на Центрите за јавно здравје од утринава се веќе на терен и ги анкетираат, согласно утврдената постапка.
Владата на Република Македонија ги извести сите вработени во државните и локалните институции и претпријатија, вработени во основно, средно и високо образование како и сите ученици и студенти дека ДОКОЛКУ во последниве 2 недели патувале или живеат со некој кој патувал во следниве земји/региони: регионите Ломбардија, Венето, Емилија Ромања, Пиемонт во Италија, како и Кина, Хонг Конг, Иран, Јапонија, Маку, Филипини, Република Кореа, Сингапур, Тајван потребно е, да не доаѓаат на работа/училиште/факултет и да ја информираат институцијата/претпријатието/училиштето . На тој начин ќе се соберат релевантните информации и ќе им се даде соодветен совет во зависност од ситуацијата. Во случај на појава на симптоми лицата да се јават на телефонските броеви:
• ЦЈЗ Битола 071/261-330
• ЦЈЗ Велес 071/219-278
• ПЕ Гевгелија 078/545-444
• ЦЈЗ Кочани 071/373913
• ЦЈЗ Куманово 070/215-851
• ЦЈЗ Охрид 070/723-029
• ЦЈЗ Прилеп 076/475-747
• ЦЈЗ Скопје 071/289-614
• ЦЈЗ Струмица 072/235-543
• ЦЈЗ Тетово 075/240-464
• ПЕ Гостивар 076/365-161
• ЦЈЗ Штип 078/365-613
• ИЈЗ Скопје 078/387-194
• ЗД Ало докторе 02/15-123
Сите надлежни служби навремено и одговорно го спроведуваат протоколот. Апелираме до граѓаните да не се создава паника и да се информираат за состојбата исклучиво од официјални извори и информации. Министерството за здравство продолжува редовно да информира за состојбата.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

27.02.2020 - 15:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега