Пожарникар за страшната несреќа кај Ласкарци: „Сечевме седишта за да ја извадиме бремената патничка“

Пред четири дена, на 13. февруар Македонија ја потресе веста за страшната сообраќајка во Ласкарци, на автопатот Скопје-Тетово, кога автобус на компанијата „Дурмо турс“ се преврте во провалија. Во несреќата животот го загубија 15 лица.

Мартин Божиновски, 31-годишниот пожарникар од Скопје што прв успева да собере храброст и да се соочи со сликата во превртениот автобус, пренесува МКД.мк

 Со алатот во раце Божиновски почнува да сече дел од автобусот. Од местото каде што треба да влезе, до патничката на која ќе треба да ѝ помага има само 3 кратки чекори, но пробивањето до таму му се чини како вечност, вели тој за МКД.мк

„Никогаш во мојата досегашна кариера немам видено ваква слика. Имам интервенирано во сообраќајки во кои во автомобил имало по 4 заглавени тешко повредени патници, учествував и во спасување луѓе и вадење давеници во поплавите во Стајковци, но она што тој ден го видов, никогаш да не ни се повтори. Од двете страни седишта, а под нив и на средина од автобусот заглавени, дел од нив веќе мртви. Ја протнав главата, вклучив ламба и гледајќи ја морничавата слика сфатив колку сме само една мала точка, колку сме немоќни од аспект на тоа дека имате повредени, а не можете истовремено да стасате и да им помогнете на сите. Се мешаат гласови и молби за помош. Во автобусот немаше место за двајца, можеше да влезе само еден. Користејќи хидраулични алати, почнавме да сечеме дел од лимот на автобусот, па потоа исековме уште две седишта и некако се протнав внатре“, раскажува храбриот пожарникар.

Ги раскажал своите соочувања и со жртвите и со луѓето кои биле во автобусот, а барале помош.

- Ми се мешаа гласови, ми се чинеше како да слушам детски глас, но тој доаѓал однадвор. Си реков, морам да се сконцентрирам, а не да гледам на сите страни и да сум расеан. Да имав моќ, ќе им помогнев и ќе ги спасев сите заедно, но реалноста беше поинаква. Слушнав женски глас како ми вели: 'Помогнете ми, ме боли'. Видов жена чија глава беше потисната под багажниот простор што се наоѓа на горниот дел од автобусот. Беше бремена, и за среќа, надолу не беше повредена. Ѝ реков: 'Тука сме, ќе ти помогнеме. Немој да се плашиш, не си сама, ќе направам сè за да те извлечеме'. И така и беше. Многу е важно и да им зборувате, да знаат дека имаат поддршка, да го надминат стравот, кој е огромен во такви моменти кога се борат за живот. Се стуткав полека за да можам да се доближам доволно и да ги раширам шипките што ѝ ја притиснале главата. Колегите ми го подаваа алатот, кој тежи отприлика и до 30 килограми. Секоја секунда, но и секој наш потег беше важен. Бевме ограничени со просторот, а времето нè притискаше", раскажа Мартин за МКД.мк додавајќи дека тој како поединец е ништо без своите колеги.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

17.02.2019 - 11:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега